Furkan Abdula
08 Август 2021•Ажурирај: 10 Август 2021
Владата на Северна Македонија вчера преку видеоконференциска врска ја одржа редовната 97-ма седница со повеќе точки на дневен ред од интерес на граѓаните, при што беше донесена одлука да бидат зајакнати контролите за постоечките мерки против Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата, на седницата, врз основа на препораката на Комисијата за заразни болести, во врска со заштитата на населението од заразната болест Ковид-19 и спречувањето на нејзиното ширење, членовите на Владата донесоа неколку заклучоци и одлуки.
„До 15 август, сите угостителски објекти регистрирани за прослави смеат да работат на затворено, само со почитување на КОВИД-19 мерките, со исполнетост до 40 отсто од капацитетот и најмногу 250 гости, согласно постојните протоколи кои се во сила. За ноќните клубови (дискотеки), кабареа, барови останува забраната за работа во затворениот дел од објектот, освен во отворениот дел (тераси) со 50 отсто од капацитетот на просторот и ограничен број посетители до најмногу 1.000 посетители, согласно постојните протоколи“, се вели во соопштението.
„Од 16 август 2021 година целосно се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти (и во кафетерии), вклучително и прослави во угостителските објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип. Од 16 август 2021 година се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани)“, се наведува во ова соопштение.
Во владиното соопштение се истакнува дека приложувањето и поседувањето потврда за извршена имунизација - најмалку прва доза вакцина, се однесува на лицата над 18-годишна возраст.
Исто така, се нагласува дека се задолжуваат надлежните инспекциски служби во претстојниот период да ги интензивираат контролите со цел стриктна примена и почитување на превентивните препораки, времените мерки и наредените мерки во однос на Ковид-19.