Husamedin Gina
03 Март 2021•Ажурирај: 04 Март 2021
СКОПЈЕ
Во скопско Визбегово, во Прифатниот центар за поддржано живеење на бездомни семејства започна да се спроведува попишувањето на бездомниците, во рамките на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, денеска го посетија Прифатниот центар за поддржано живеење на бездомни семејства - Визбегово, за да извршат увид како се одвива процесот на попишување на овие граѓани.
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за труд и социјална политика на Северна Македонија, Јагода Шахпаска заедно со директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски го посетија Прифатниот центар за поддржано живеење за бездомни семејства - Визбегово, каде што ќе се изврши пописот на бездомните лица сместени во него ( Husamedin Gina - Агенција Анадолија )
Истакнувајќи дека во Прифатниот центар живеат вкупно 105 бездомни лица, министерката Шахпаска рече дека пописот претставува многу важна, најмасовна и сеопфатна статистичка операција којашто е од извонредно значење за државата.
„Врз основа на податоците коишто ќе бидат добиени со пописот на населението понатаму ќе се креираат политиките коишто ќе ги адресираат барањата и потребите на граѓаните“, нагласи министерката Шахпаска.
Шахпаска, исто така, додаде дека податоците што ќе ги добијат од пописот за старосната структура на населението ќе значат сериозен придонес во тоа како Министерството ќе ги креира своите политики за изградба на установи за претшколска возраст и за креирање на политиките за домовите за сместување стари лица.
Наведувајќи дека грижата за ранливите категории граѓани ќе биде отсликана преку податоците што ќе бидат добиени од пописот, министерката Шахпаска нагласи дека ќе се преземаат мерки, како што е гарантираната минимална помош.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, истакна дека водат сметка и за тоа најранливите категории да бидат дел од пописот бидејќи тие во суштина најмногу треба да очекуваат од политиките што треба да ги спроведува државата.
„Меѓутоа пописот апсолутно не значи дека се ограничува само на оваа категорија, туку треба да собере и да даде соодветни информации за креирање на развојни политики за сите граѓани во државата“, нагласи директорот Симовски.
Меѓу другото, директорот Симовски додаде дека до денеска има 18.000 пријавени и попишани на онлајн апликацијата за граѓаните надвор од РСМ и дека лажните пријавувања нема да влегуваат во базата на податоци.
- Попис во Република Северна Македонија
Потсетуваме, од 1 март започна процесот на попишување на дипломатите и нивните семејства, како и процесот на самопопишување на граѓаните кои се дел од дијаспората, односно што се наоѓаат надвор од земјата, а кои ќе бидат попишани како нерезидентно население на државата.
Овој процес ќе трае до 21 април.
Од 1 до 15 март се попишуваат уште пет други категории лица, а тоа се лицата што се наоѓаат во служба на Армијата на РСМ, во државата или во странство, лицата што се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, како и лицата бездомници.
Пописот на резидентното население на Република Северна Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април оваа година, со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително ќе се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.