Admir Fazlagic
03 Март 2021•Ажурирај: 04 Март 2021
СКОПЈЕ
Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) реагираше во врска со електронскиот образец за попис кој се користи за Пописот на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Почитувани Бошњаци од Северна Македонија, сакаме да ве известиме дека во електронскиот образец за попис нашиот мајчин јазик наместо босански е именуван како бошњачки јазик. Врзано за ова, БДС реагираше во повеќе наврати како писмено така и со директни контакти до надлежните институции на Северна Македонија ( Влада, Министерство за внатрешни работи, Државен завод за статистика и други) но за жал оваа грешка постојано се повторува. Конечно, ги повикуваме сите надлежни институции на Северна Македонија веднаш да ја исправат оваа грешка, односно називот бошњачки јазик да го променат во босански јазик. Доколку тоа не биде сторено, БДС ќе ги повика Бошњаците од Северна Македонија да го бојкотираат пописот", се вели во соопштението на БДС.
„Бараме од сите институции на Северна Македонија еднаш и засекогаш да разберат дека никој нема право да го менува нашиот национален и верски идентитет и дека се обврзани тоа да го почитуваат и применуваат, бидејќи ние по националност сме Бошњаци, кои зборуваат на босански јазик и чија вера е ислам. БДС ги застапува интересите на Бошњаците од Северна Македонија и за таа цел подготвен е да ја напушти владејачката коалиција", се наведува во соопштението.
- Попис во Северна Македонија
Пописот на резидентното население на Република Северна Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април оваа година, со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително ќе се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.
Од 1 март започна процесот на попишување на дипломатите и нивните семејства, како и процесот на самопопишување на граѓаните кои се дел од дијаспората, односно што се наоѓаат надвор од земјата. Овој процес ќе трае до 21 април.
Од 1 до 15 март се попишуваат уште пет други категории лица, а тоа се лицата што се наоѓаат во служба на Армијата на РСМ, во државата или во странство, лицата што се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, како и лицата бездомници.