Admir Fazlagic
27 Февруари 2021•Ажурирај: 02 Март 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, на заедничка прес-конференција со директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симoвски, ги претставија подготовките за почетокот на Пописот на населението, домаќинствата и становите, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Од први март започнува пописот и тоа во конзуларните претставништва со попишување на нашите дипломати и нивните семејства, во првите 15 дена од март почнува и процесот на самопопишување на граѓаните кои се дел од дијаспората, односно кои се наоѓаат надвор од земјата, а кои ќе бидат попишани како нерезидентно население на државата. Тој процес почнува од 1 март и ќе трае до 21 април“, рече Османи.
Министерот Османи го напомена и фактот дека за прв пат се спроведува операција за попишување и на дијаспората, што претставува дополнителен предизвик, но и обврска да има успешен процес.
„За важноста на пописот од аспект на Министерството за надворешни работи, фактот што за прв пат ќе имаме точни податоци за бројноста, структурата и одредени карактеристики за нашите државјани кои живеат надвор од РСМ ќе даде одлична можност за планирањето на нашите политики, планирањето на нашите услуги коишто ги даваме кон дијаспората, приближување на нашите услуги до местата каде што живеат граѓаните“, додаде Османи.
Процесот на самопопишување ќе се одвива преку онлајн апликацијата изготвена од Државниот завод за статистика, за што на веб-страницата на Министерството за надворешни работи веќе се поставени соодветни линкови. Апликацијата е достапна на осум јазици, меѓу кои и на македонски, албански и англиски.
Во исто време, процесот започнува и за државјаните на РСМ што се наоѓаат во странство, кои од 1 март сè до 21 април, или во следните 50 дена, на ист начин, со апликацијата, ќе можат да го остварат ова право и граѓанска обврска.
Директорот на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија рече дека самопопишувањето е сериозен, сложен, но многу значаен процес на самопопишување на државјаните на РСМ кои живеат или престојуваат во странство.
„Процесот на самопопишувањето ќе се спроведе преку веб-апликацијата којашто е многу едноставна и кориснички ориентирана, лесно достапна, што значи дека секој државјанин на РСМ во странство ќе може лесно да ја пополни и за многу кусо време, а единствениот услов е да се најави со својата емаил-адреса. Апликацијата е наменета исклучиво за самопопишување во странство, што значи дека пристапот од РСМ е оневозможен. Обезбедени се сите мерки личните податоци што се собираат преку оваа апликација да бидат максимално заштитени од било какви несакани упади“, истакна Симовски.
Како што информираше Симовски, уште пет други категории лица ќе бидат попишани во периодот од 1 до 15 март, а тоа се лицата што наоѓаат во служба на Армијата на РСМ, во државата или странство, лицата што се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, како и лицата бездомници.
Пописот на резидентното население на Република Северна Македонија ќе се спроведува од 1 до 21 април оваа година.