Edıta Zekjırovıc
11 Март 2022•Ажурирај: 13 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) – Во рамките на Дипломатскиот форум во Анталија (АДФ) министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, имаше свое обраќање на панелот „Помирувачки дијалог на Балканот”, јавува Агенција Анадолија (АА).
На панелот се дискутираше за можните влијанија на војната помеѓу Русија и Украина на Балканот, за безбедносниот аспект и односите меѓу земјите од Западен Балкан, за начинот на справување и изнаоѓање решенија за отворените билатерални прашања, како и за можните последици доколку Европската Унија не ги оправда очекувањата на регионот во однос на неговата европска перспектива.
На панелот, покрај министерот Османи, учествуваа заменик-премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала-Шварц, министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина Бисера Турковиќ, високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Министерот Османи во своето излагање истакна дека Северна Македонија со сите сили покажала солидарност во овие тешки моменти.
Тој додаде дека проширувањето на Европската Унија (ЕУ) е пред сè безбедносно прашање, нагласувајќи дека застојот во евроинтеграцискиот процес предизвикува скептицизам во регионот.
„Регионот на Западен Балкан, и покрај демократските дефицити и слабости, има специјална улога во и за Европа. Целосното нивно интегрирање е од директен политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ како геостратешка инвестиција кон стабилен и просперитетен регион во рамки на континентална Европа. Впрочем, овој регион е срцето на Европа, опколен со земји членки на ЕУ и не смее да се дозволи да биде ранливата точка на континентот, а ЕУ не смее повеќе да го третира пристапниот процес на Западен Балкан како отворено неопределено прашање“, потенцираше Османи.
Влошената безбедносна и геополитичка ситуација, според неговото мислење „треба итно и без одлагање да внесе нов, подинамичен моментум во процесот на интеграција во Европската Унија на сите“, рече тој.
„Војната во Украина покажа дека ако ги игнорирате проблемите, тие едноставно не исчезнуваат“, рече министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала-Шварц.
Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, на панелот говореше за ризикот од влијание на трета страна на Западен Балкан, нагласувајќи го забавувањето на процесот на европска интеграција.
На форумот стана збор за можното влијание на војната во Украина врз националните економии, како и за иднината на иницијативата за регионалната соработка „Мини Шенген“, која е преименувана во „Отворен Балкан“.
„Зошто ние имаме потреба од соработка? Првин за комуникација, нам ни е потребна директна комуникација. Не сум против било која регионална иницијатива, имаме простор за соработка. Инфлација од иницијативи имаме бидејќи немаме резултати и затоа се појавуваат нови иницијативи“, рече заменик-премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и додаде дека регионалните иницијативи не треба да бидат замена за интегрирањето во Европската Унија (ЕУ).
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак ги повика земјите членки да ги исполнат своите обврски, потсетувајќи дека е свесен дека процесот на интеграција трае предолго.
На вториот Дипломатски форум (АДФ) во Анталија, кој започна денеска и ќе трае до недела, присуствуваат политичари, дипломати, креатори на јавното мислење и интелектуалци од целиот свет, а се одржува во Конгресниот и изложбен центар НЕСТ во Анталија на тема „Прекодирање на дипломатијата“.
Демократското владеење, лидерството и дипломатијата, енергетската безбедност, борбата против расизмот и дискриминацијата, нерегуларната миграција, преиспитувањето на безбедноста во Европа, климатските промени и енергетската транзиција, зелената економија и зајакнувањето на улогата на жените се дел од панел-дискусиите планирани за овој настан.
Истакнати лидери и дипломати од различни земји ќе одржат дебати од глобално значење, вклучувајќи ги „Цената на мирот, цената на војната“ и „Патеките до мирот и просперитетот. Минатата година, Дипломатски форум во Анталија се одржа на тема „Иновативна дипломатија: Нова ера, нови пристапи“.