Abdula Berisha
06 Јуни 2024•Ажурирај: 07 Јуни 2024
СКОПЈЕ (АА) – Претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска Давкова, во согласност со Уставот кој предвидува доделување на мандатот во период од десет дена од конституирањето на Собранието, му го довери мандатот за состав на Влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавува Анадолу.
Во кратка изјава за медиумите претседателката Силјановска Давкова изрази уверување дека доделувањето на мандатот на Мицкоски е вистински, правен и политички чекор.
„Сведоци сме дека денес истекува десеттиот ден. Исто така, при конституирањето на Собранието, да потсетам, претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа 'За'. Овој резултат и преговорите што се во тек ми даваат право основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, господин Христијан Мицкоски, има сериозна можност да формира Влада“ рече претседателката Силјановска Давкова.
Христијан Мицкоски, лидер на партијата што ја предводеше коалицијата „Твоја Македонија“, која освои 58 од вкупно 120 пратенички места, ѝ се заблагодари на претседателката Силјановска Давкова за доделувањето на мандатот, најавувајќи брзо составување на Владата.
„Сакам да најавам дека набргу од денес ќе биде составена новата Влада, реформска влада. Влада што ќе има основна цел и задача да се занимава со реформите, да ги движи процесите напред“, истакна Мицкоски.
Тој, исто така, им се заблагодари на граѓаните, изјавувајќи дека тие се најзаслужни што ќе дојде до промена на власта во земјата.
Во согласност со Уставот на Северна Македонија, мандаторот во рок од 20 дена од денот на доделувањето на мандатот треба до Собранието да поднесе програма и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно со 61 глас.
Потсетуваме дека на парламентарните избори одржани на 8 мај дотогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички места. Од оваа партија изјавија дека се финализирани преговорите за поделба на власта со другите коалициони партнери, Коалиција ВЛЕН која има 14 пратенички мандати и Движење ЗНАМ со шест пратенички мандати.