Балкан

Северна Македонија и ООН потпишаа нова Рамка за соработка

Министерот Османи истакна дека еден од основните приоритети на Министерството за надворешни работи е поддршката на мултилатерализмот, што го оцени како цивилизирано достигнување во обезбедувањето мир и целокупен напредок во светот.

Abdula Berisha  | 26.10.2020 - Обновена : 27.10.2020
Северна Македонија и ООН потпишаа нова Рамка за соработка

СКОПЈЕ 

Република Северна Македонија и Обединетите нации (ООН) ја потпишаа новата Рамка за соработка за одржлив развој (UNSDCF) за периодот 2021-2025 година, јавува Агенција Анадолијa (AA).

Потпишувањето на Рамката симболички се совпаѓа и со 75-годишнината од основањето на ООН, а потписници беа министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, и резидентната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Росана Дуџиак.

На заедничката прес-конференција по потпишувањето, министерот Османи истакна дека еден од основните приоритети на Министерството за надворешни работи е поддршката на мултилатерализмот, што го оцени како цивилизирано достигнување во обезбедувањето мир и целокупен напредок во светот.

„Нема подобар начин да се одбележи овој јубилеј на основањето на Обединетите нации од потпишувањето на Рамката за соработка за одржлив развој со Обединетите нации, стратешки документ што ќе ја води работата на системот на Обединетите нации во нашата земја во периодот од 2021 до 2025 година“, рече Османи.

Координаторката на ООН, Росана Дуџиак, изрази задоволство од потпишувањето на рамката на 75-годишнината од основањето на ООН, додавајќи дека тоа е документ потпишан помеѓу системот за развој на ООН и Северна Македонија.

„Рамката за соработка е клучен и стратешки документ што ќе ја води работата на агенциите на ООН во земјата во текот на следните 5 години. Таа беше развиена во тесна соработка со Владата, граѓанското општество и заедниците низ целата земја“, истакна Дуџиак.

Таа, исто така, рече дека ООН во следните години ќе се ангажираат во поддршка на Владата и народот во постигнување стратешки приоритети, како што се подобрување на животниот стандард или обезбедување пристап до образование и здравство.

- Османи ги охрабри историчарите да ги ублажат историските квалификации со Бугарија

За време на прес-конференцијата, министерот Бујар Османи одговараше и на новинарски прашања во врска со преговорите што Северна Македонија ги води со Бугарија.

Османи изрази оптимизам дека ќе се надминат недоразбирањата со Бугарија и дека земјата ќе ги започне разговорите за членство во Европската Унија (ЕУ).

Одговарајќи на прашањето во врска со барањето Бугарија да не биде именувана како „окупатор“, туку како „администратор“ за време на Втората светска војна, Османи ја охрабри Комисијата составена од историчари од двете земји, доколку најдат начини, да ги ублажат историските квалификации.

„Ако Комисијата од историчари и научници најде начини да ги ублажи овие историски квалификации меѓу блиските соседи кои гледаат кон заедничка иднина, ги охрабрувам да го сторат тоа“, рече Османи.

Тој, исто така, рече дека не смета дека политиката треба да го донесе ова решение, бидејќи како што оцени тој, ова во иднина може да се оспори како политичка одлука.

Потсетуваме, на први август 2017 година помеѓу владите на Република Северна Македонија и Република Бугарија потпишан е Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.

Според овој договор, формирана е Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, која треба да постигне согласност за историографските факти и документи кои се однесуваат на заедничките историски настани и личности.

На 16 септември, во пресрет на одлуката за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, Бугарија на земјите членки на ЕУ им испрати објаснувачки меморандум со кој бараше поддршка за нејзиниот став во врска со македонскиот идентитет и јазик.

Во меморандумот се вели дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и се смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.