Behlül Çetinkaya,Mustafa Deveci
07 Јуни 2022•Ажурирај: 08 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, истакна дека Туркије (Турција) сака да ја подобри соработката во областа на енергетиката со Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, одржаа заедничка прес-конференција по средбата во Министерството за надворешни работи во Анкара.
Осврнувајќи се на историските односи меѓу Туркије и Северна Македонија, Чавушоглу истакна дека заедничките вредности, длабоко вкоренетата историја и човечките врски се основата на соработката меѓу двете земји.
Турскиот министер, наведувајќи дека на 26 август ќе се одбележи 30-годишнината од дипломатските односи меѓу двете земји, рече дека во рамките на ова одбележување ќе дадат заедничка изјава.
Наведувајќи дека на 16 јуни ќе ја посети Северна Македонија за да присуствува на Вториот форум за дијалог во Преспа, Чавушоглу додаде дека на денешната средба разговарале за сите аспекти на односите меѓу двете земји.
Во врска со економската соработка меѓу Туркије и Северна Македонија, Чавушоглу рече:
„Нашите економски односи се на задоволително ниво, но согласни сме дека треба дополнително да ги развиваме. Минатата година обемот на билатералната трговија се зголеми за приближно 42 отсто и достигна 772 милиони долари. Ги гледаме овогодинешните бројки, ќе биде околу 900 милиони долари. Затоа, се согласуваме најдоцна следната година да се зголеми на 1 милијарда долари, но веруваме дека во следните 5 години може да ја зголемиме на 2 милијарди долари и дека можеме да ја постигнеме оваа бројка. За ова го ревидираме договорот за слободна трговија.“
Чавушоглу, истакнувајќи дека е јасно дека обемот на трговската размена меѓу двете земји е во корист на Туркије, рече дека треба да се работи заедно за тоа да се балансира.
Тој посочи дека заедно ќе продолжат да ги охрабруваат турските компании да инвестираат во Северна Македонија, и нагласи дека се договориле со Османи оваа година да организираат бизнис-форум во Истанбул.
Подвлекувајќи дека турските компании не само што ги зголемиле инвестициите во Северна Македонија, туку презеле и важни проекти, Чавушоглу рече дека инвестициите на турските компании во земјата достигнале 1,3 милијарди долари.
Чавушоглу наведе дека сакаат меѓу Туркије и Северна Македонија да има соработка и во областа на енергетиката, и потсети на едностраните одлуки донесени од Русија по војната во Украина и санкциите на Европската Унија кон Москва.
„Имаше барања за соработка во енергетиката од балканските земји, вклучително и нашите соседни земји Бугарија и Романија, и од Унгарија. Денеска разговаравме и за тоа како можеме да соработуваме со Северна Македонија во оваа смисла и како можеме да придонесеме за решението за проблемите на пријателските земји. Разговаравме со Северна Македонија за енергетиката. Сакаме да ја подобриме нашата соработка“.
Истакнувајќи дека Туркије е многу среќна што го поддржува развојот на Северна Македонија, Чавушоглу нагласи дека Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) има спроведено многу важни развојни проекти во секој регион на Северна Македонија без никаква дискриминација.
Турскиот министер изјави дека Туркије има сериозно искуство по прашањето за водите и сака ова искуство да го сподели со Северна Македонија, и додаде дека Државниот завод за води на Туркије ќе реализира одредени проекти во областа на водите во земјата.
Посочувајќи дека на денешната средба со Османи разговарале за можноста за соработка меѓу Туркије и Северна Македонија и во областа на одбранбената индустрија, Чавушоглу истакна: „Турската одбранбена индустрија постигна навистина голем подем во последните 10 години. Рековме дека ќе излеземе во пресрет за задоволување на потребите на Северна Македонија.“
Тој рече дека постои нацрт-договор за безбедност меѓу Туркије и Северна Македонија и додаде дека сакаат да го потпишат и овој договор.
Истакнувајќи дека со министерот Османи ги споделил очекувањата на Туркије во однос на борбата против терористичката организација ФЕТО и другите терористички организации, Чавушоглу истакна дека во секоја прилика посочуваат дека особено ФЕТО е закана не само за Туркије, туку и за секоја друга земја во која е присутна.
– „Случувањата на Балканот нѐ загрижуваат“ -
Осврнувајќи се на ситуацијата на Балканот, Чавушоглу рече: „Загрижени сме за случувањата на Балканот. Постои кревкост. И Северна Македонија игра важна улога.“
Изјавувајќи дека по контактите со Северна Македонија овој месец ќе ги посети Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово, и дека и претседателот Реџеп Таип Ердоган ќе го посети регионот, Чавушоглу порача: „Сите заедно ќе продолжиме да работиме за да ја намалиме оваа тензија и да го направиме Балканот, Западниот Балкан, регион на стабилност и економски развој.“
Тој рече дека Северна Македонија во тежок период ќе го преземе мандатот претседавач со Организацијата за безбедност и соработка на Европа (OSCE), и на својот колега Османи му пренесе дека во рамките на мандатното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ, Туркије силно ќе ги поддржи сите активности и приоритети и ќе ѝ даде секаков вид поддршка.
Осврнувајќи се на пописот во Северна Македонија и на приговорот на Турците кон овој попис, Чавушоглу рече дека приговорите биле разгледани и нагласи дека двете страни се согласиле дека турската заедница во Северна Македонија претставува важен мост меѓу Туркије и Северна Македонија.
Чавушоглу додаде дека меѓу Туркије и Северна Македонија владеат одлични политички односи и дека постои целосна решеност односите да се развиваат на сите полиња.