Abdula Berisha
08 Мај 2019•Ажурирај: 09 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во просториите на Секретаријатот за европски прашања во Скопје се одржа панел-дискусија на тема „Западен Балкан и евроатлантските вредности“ во рамки на одбележувањето на европските денови во Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред започнувањето на панел-дискусијата беше организирана прес-конференција на која учествуваа вицепремиерот задолжен за европски прашања на Северна Македонија, Бујар Османи, и дел од учесниците во панел-дискусијата.
Вицепремиерот Османи нагласи дека земјата влегува во последните 20 денови пред објавување на овогодинешниот Извештај на Европската комисија, од кој рече дека очекува да биде донесена одлука Северна Македонија во јуни да ги започне преговорите со Европската Унија (ЕУ).
Османи изрази задоволство од начинот на реализирање на изборниот процес за претседателските избори што се одржаа во неделата, и додаде дека сега целиот фокус може да се концентрира на процесот на интеграција.
„Сега, влегувајќи во една политичка предвидливост и стабилност, можеме да ја концентираме целата општествена, државна и политичка енергија во овие 20 дена да не оставиме никаков аргумент и да не оставиме непревртен камен за да ја добиеме најчистата препорака“, рече Османи.
Душан Јаниќ, од Форумот за меѓуетнички односи во Србија, нагласи дека Северна Македонија може да биде пример во регионот за избегнување на конфронтации од кои потоа не може да се најде излез.
„Кога ќе го погледнете тој долг тек, а полесно е кога не живеете тука, кога гледате однадвор, тој долг политички процес, она што е карактеристично е освен некои инцидентни ситуации, Македонија никогаш не упаднала во длабока безбедносна криза од која не можела да излезе“, нагласи Јаниќ.
Моника Беговиќ од Центарот за меѓународни студии во Хрватска истакна дека претседателските избори во земјата и посетата на папата Франциск на Скопје се чекор кон европеизација на Северна Македонија.
Таа, исто така, се осврна и на европските вредности за кои рече дека се многу важни.
„Усвојувањето на евроатлантските вредности од самите државни структури значи добробит за самите граѓани. Тоа се почитување на човековите права, слободата, достоинството, демократијата и слично...Сè се тоа вредности кои граѓаните ги чувствуваат дека се случуваат внатре во земјата“, додаде Беговиќ.
На панел-дискусијата организирана од Институтот за меѓународни и политички студии, покрај претставници од Хрватска и Србија, учествуваа и претставници од другите земји од Западен Балкан.
Настанот беше организиран еден ден пред одбележувањето на 9 Мај - Денот на Европа, кој се одбележува во сеќавање на Декларацијата од 9 мај 1950 година на министерот за надворешни работи на Франција, Робер Шуман, која ги постави темелите на денешната Европска Унија (ЕУ).