Husamedin Gina
20 Мај 2021•Ажурирај: 21 Мај 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека МНР започнало нов процес за создавање нова 10-годишна надворешна политичка стратегија со која ќе се обезбеди постојана врска со јавноста, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Османи, денеска се обрати на конститутивна седница на Стратешкиот совет за надворешна политика, еден од столбовите на проектот „Рефлексија 2030“.
По состанокот, министерот Османи одржа прес-конференција.
Истакнувајќи дека Министерството за надворешни работи започнало нов процес за создавање нова 10-годишна надворешна политичка стратегија која почива на три столба, министерот Османи рече дека со формирање на Стратешкиот совет кој ќе биде првиот столб, ќе се обезбеди постојана врска со општата јавност.
Вториот столб, како што рече Османи, претставуваат специјализираните тематски конференции од кои се очекува да се добие стручен, интелектуален, но и широк општествен инпут, и тоа не само од домашната јавност, туку и од бројните меѓународни познавачи на регионалните политики.
„Третиот столб е формирањето на Стратешкиот совет за надворешна политика како постојано советодавно тело на Министерството кое ќе служи како посебен филтер, еден вид на инка низ која ќе се транспонираат политичките насоки кои ќе се собираат во рамките на консултативните процеси“, нагласи министерот Османи.
Стратешкиот совет за надворешна политика се состои од 26 члена, кои ќе работат на доброволна волонтерска основа. Меѓу членовите на Советот се наоѓа и бизнисменот Ајдован Адемовски.
Министерот Османи, одговарајќи на новинарски прашања во врска со ангажманот на португалското претседателство со ЕУ, рече дека и покрај сите почетни шпекулации дека на Португалија нема да ѝ биде приоритет членството на Северна Македонија, но и на Западниот Балкан во ЕУ, тоа се покажа како погрешно.
„Можам да кажам дека сум сведок на сериозен проактивен ангажман на португалското претседателство од првиот ден на преземањето на тоа претседателство. Постојат сериозни обиди да се најдат начини како да се премостат разликите, со цел овој процес да започне во рамките на ова претседателство“, нагласи Османи.
Османи, истакнувајќи дека во овој контекст е и утрешната посета на португалскиот министер за надворешни работи, Аугусто Сантош Силва, рече дека се надева дека португалскиот министер ќе дојде со предлог-идеи како да се надмине оваа блокада.