Admir Fazlagic
27 Февруари 2021•Ажурирај: 28 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска беше домаќин на висока делегација од Министерството за цивилна заштита на Грција, предводена од министерот Михалис Хрисохоидис, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија „борбата против организираниот криминал и илегалната миграција беше посочена од двајцата министри како заеднички императив, во кој што прекуграничната соработка, особено во делот на граничното работење, е неминовна, со посебен акцент на миграциската криза, која значително ги оптоварува двете држави."
„Утврдивме дека имаме многу заеднички работи, области за дискусија и взаемен интерес и дека во периодот што претстои ќе бидат направени напори за оваа волја за интензивирање на соработката да ги преточиме во вистински стратешки и оперативни активности. Веќе во тек е нашето заедничко работење на усогласување на Протоколот за спроведување на Договорот за преземање на лица кои престојуваат без дозвола, потпишан во Брисел во 2007 година, а меѓу нас денеска ги споделивме и Предлог договорите за безбедносна соработка, односно соработка во областа на криминалот, за кои што сум убеден дека нашите служби ќе ги усогласат во најскоро време“, рече министерот Спасовски.
Министерот Хрисохоидис ја истакна поддршката од страна на Грција за процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ и волјата да ја обезбедат целокупната потребна помош за исполнување на бараните релевантни услови.
„И не остануваме само на изјави, туку одиме напред и во пракса преку работата на Заедничките комисии на двете земји за отворање на две нови гранични точки, во областа на Преспанското Езеро и во Промахи и Мајден, кои се во тек. Во исто време, заеднички ја испитуваме можноста за создавање на еден Контакт центар за полициска соработка, според стандардите на ваков вид соработка со надлежните органи на други земји“, подвлече министерот Хрисохоидис