Admir Fazlagic
28 Септември 2021•Ажурирај: 28 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, го посети седиштето на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС), каде што се состана со претседателот на БДС, Мунир Колашинац, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„На состанокот е разговарано за спроведувањето на пописот, учеството на БДС на локалните избори и за статусот на правата на Бошњаците во Република Северна Македонија. На крајот од состанокот е заклучено дека БДС треба да продолжи да работи на обединување на Бошњаците заради остварување на правата на Бошњаците во Република Северна Македонија и дека државата БиХ ќе се ангажира да помогне во остварувањето на оваа цел“, соопшти Бошњачкиот демократски сојуз.
Џаферовиќ престојува во работна посета на Северна Македонија по повод 28 Септември - Денот на Бошњаците. Во рамките на посетата, Џаферовиќ се состана со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и со премиерот Зоран Заев.
Претходно денеска, Џаферовиќ со својата делегација, во придружба на градоначалникот на скопската Општина Чаир, Висар Ганиу, и делегација од Нови Пазар, предводена од градоначалникот Нихад Бишевац, положија цвеќе на спомен-обележјето на жртвите од геноцидот во Сребреница, што се наоѓа во скопската Општина Чаир.
По повод Денот на Бошњаците вечерва во Скопје ќе се одржи свечена академија во организација на Бошњачкиот национален совет (БНС) во Северна Македонија, на која Џаферовиќ ќе има свое обраќање.