Admir Fazlagic
23 Јануари 2019•Ажурирај: 23 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - На покана од претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз, Мунир Колашинац, амбасадорката на Република Турција, Тулин Еркал Кара, вчера го посети седиштето на оваа партија во Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти партијата Бошњачки демократски сојуз, во рамки на посетата, одржан е состанок на амбасадорката на Република Турција со раководството на партијата.
Претседателот на партијата, Колашинац, ја информирал амбасадорката за целите, статутот и програмата на Бошњачкиот демократски сојуз, како и со досегашните нивни активности и политичкото делување.
„Амбасадорката на Република Турција изјави дека Бошњачки демократски сојуз е нова партија, дека има целосна поддршка од Република Турција и дека се надева оти оваа поддршка и соработка ќе биде многу поголема во иднина. Покрај останатото, потенцираше дека како и досега, ќе продолжи со несебична поддршка на сите проекти на Бошњачкиот демократски сојуз и дека бошњачкиот народ во Македонија може да смета на поддршка од Република Турција“, пишува во соопштението.
Се додава дека претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз, Колашинац, се заблагодарил на амбасадорката на Република Турција за нејзината посета и поддршката која партијата ја има во досегашниот период и која беше насочена кон подобрување на статусот на бошњачкиот народ во Македонија.