Elena Trenchevska Chekovic
08 Јули 2021•Ажурирај: 09 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) - По повод одбележувањето на 11 Јули, Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, го прими претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) во Северна Македонија, Мунир Колашинац, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Колашинац на Пендаровски му го врачи „Цветот на Сребреница“ и во име на бошњачкиот народ во Северна Македонија изразил благодарност за поддршката и залагањето за целосното почитување и остварување на правата на Бошњаците како рамноправни граѓани на Северна Македонија.
„Сите мораме да се сеќаваме и потсетуваме на геноцидот во Сребреница и не смееме да дозволиме тоа да се повтори никаде и на никого“, истакнал Пендаровски.
„Северна Македонија како демократска држава секогаш имала јасен, недвосмислен и осудувачки став, не само за геноцидот во Сребреница, туку и за сите воени злосторства кои се случиле на просторите на бивша Југославија“, се наведува во соопштението на Бошњачкиот демократски сојуз.
Оттаму наведоа дека во текот на разговорот со Пендаровски, претседателот на БДС, Колашинац потсетил дека Парламентот на тогашна Република Македонија има усвоено Декларација со која ја поддржува Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница од 15.01.2009 година.
„Со оваа Декларација нашата држава стана прва држава на Балканот која ја усвои Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница и јасно им стави на знаење на сите дека го осудува геноцидот во Сребреница“, се истакнува од Бошњачкиот демократски сојуз (БДС).