Recep Şakar
01 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
МЕЛБУРН (АА) - Во акција на полицијата против бездомниците во Мелбурн, приведени се пет лица, од кои две жени, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако на улиците се вратија бездомниците кои претходно беа избркани од локациите каде што живееја порано, полицијата организираше акција.
Полициските екипи претходно упатија предупредување до најмалку 20 бездомници кои живееја во околината на железничката станица „Флиндерс“ дека мораат да го напуштат тоа подрачје и им дадоа одреден временски рок за да го сторат тоа.
Голем број бездомници не сакаа да го напуштат тоа подрачје, така што припадниците на безбедносните сили мораа да реагираат. По акцијата за приведување, подрачјето каде што живееја бездомниците е испразнето и заградено.
Бездомниците сакаа постојано место за живеење и го одбија предлогот за мотел во кој би останале три ноќи.
Пред полициската акција, бездомник кој се претстави како Сајмон за АА изјави дека бездомниците живеат во тешки услови.
Тие сметаат дека им е потребна поголема финансиска помош за решавање на нивните проблеми, покрив над главата и центар што ќе им биде на располагање 24 часа дневно.
„Ни треба место каде што ќе можеме да спиеме и да имаме покрив над главата“, појасни Сајмон, кој додаде дека доколку проблемот не биде решен, ќе биде во уште потешка ситуација за време на зимските месеци.
Тој додаде дека властите со години им ветуваат дака ќе го решат проблемот, но дека сѐ уште не го одржале тоа ветување.
„Доколку властите стореа нешто, денес овие луѓе не би биле тука, не би спиеле под ќебиња на клупите“, смета Сајмон.
Официјалните податоци покажуваат дека во Австралија живеат 105.237 бездомници.