Hakan Çopur
01 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Хакан Чопур - Претседателскиот декрет со кој на граѓаните на Сирија, Ирак, Иран, Либија, Јемен, Судан и на Сомалија им забранет влез во САД во наредните 90 дена, како „метод за спречување на терористите“ на новиот претседател Доналд Трамп, стана цел на критики.
На меѓународниот аеродром во Вашингтон му беа ставени лисици на 5-годишно дете со иранско потекло, а истовремено во САД во пораст се злосторствата поради омраза.
Интересен е фактот што поголемиот дел од земјите коишто се наоѓаат на „црната листа“ беа цел на напади од страна на американската армија во последните години.
- Сирија -
Eдна од земјите што се наоѓаат на листата за забрана е Сирија, поради постоечките закани од ДЕАШ. Во мандатот на претходниот претседател Барк Обама, Сирија беше земја над која американската армија фрли најголем број бомби.
Во извештајот објавен од страна на Советот за надворешни односи е наведено дека се претпоставува оти во 2016 година, американските воздухопловни сили во Сирија и во Ирак фрлиле над 24.000 бомби.
Според податоците на американските институции кои ги следат бегалците, досега ниту еден од 12.000 сириски бегалци кои се примени во САД не е замешан во некаков терористички напад.
- Ирак -
Во 2003 година, кога претседател на САД беше Џорџ В. Буш, окупираниот Ирак беше една од земјите врз која американската армија во тој период интервенирала најмногу. Во 2003 година, по окупацијата, земјата влезе во вителот на војната меѓу различните деноминации, во која стотици илјади лица ги загубија своите животи, а политичката нестабилност длабоко делуваше врз животите на цивилите.
По 11 септември 2001 и надлежностите што американската армија ги имаше во рамките на борбата против Ал Каеда, од окупацијата на Ирак којашто започна во 2003 година, американската армија остана во таа земја сѐ до 2011.
Ирак, кој беше принуден да се справи и со заканата од ДЕАШ, доживеа вистински шок со визната забрана воведена од Вашингтон, од кого очекуваше најголема поддршка во борбата против тероризмот.
- Либија -
Со одлуката што ја донесоа Обединетите нации (ОН), во март 2011 година, започнаа операциите насочени кон тогашниот лидер на Либија, Муамер Гадафи, кои завршија во октомври истата година со неговото убиство, но тоа не донесе стабилност и мир во земјата. Во периодот по Гадафи, земјата доживеа сериозни кризи. Политички поделените подрачја му овозможија на ДЕАШ лесно да заземе дел од територијата.
- Јемен -
По државниот удар што беше извршен во почетокот на 2015 година, конфликтот се прошири во земјата. И елементите на Хусите и елементите на Ал Каеда извршија огромен терор врз цивилното население. Во јуни истата година, пак, коалицијата под водство на Саудиска Арабија изведе операции против Хусите, а администрацијата на Обама се заложи на коалицијата да ѝ дава логистичка и воздушна поддршка.
Јемен, кој се бори со сиромаштија, уште повеќе се истроши во триаголникот Саудиска Арабија – Иран – САД, со што им се овозможи на терористичките организации да освојат поголем простор. Особено внимание привлекува одлуката на Трамп, кому откако ја започна својата претседателската функција на 20 јануари, меѓу првите наредби што ги издаде беше операцијата со која ќе се направи притисок врз елементите на Ал Каеда во Јемен.
- Сомалија -
Поради постоењето на терористичката организација „Аш Шабаб“, администрацијата на Обама постојано ја бомбардираше Сомалија, но земјата е сѐ уште нестабилна. САД изведе голем број напади против „Аш Шабаб“ користејќи воглавно беспилотни летала. Имаше големи дискусии откако во 2007 година, во Етиопија, како поддршка на окупацијата на Сомалија, беше воочено зголемување на војската во регионот и формирање на нови бази.
- Земјите од листата се чисти -
Во списанието „Атлантик“ се појави статија од Ури Гридман насловена како „Од каде доаѓаат терористите во Америка?”, во којашто се наведува дека листата за забрана за издавање визи за одредени земји всушност не ја отсликува точно вистинската состојба.
Во статијата се наведува дека во периодот од 1975 до 2015 година, со терористичките напади изведени во САД не е поврзан ниту еден терорист од една од овие 7 земји. Во истиот период, само 6 Иранци, 6 Суданци, 2 Сомалијци, 2 Ирачани и 1 Јеменец биле осудени поради поврзаност со тероризам.