Kasım İleri
26 Јули 2018•Ажурирај: 27 Јули 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, упати закана до Турција дека ќе ѝ воведе опсежни санкции доколку не биде ослободен американскиот свештеник, Ендру Крег Брaнсон, на кого Турција му суди поради шпионажа и дејствување во име на ПКК и ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
„САД на Турција ќе ѝ воведе опсежни санкции затоа што веќе долго во притвор го држи свештеникот Ендру Брaнсон, голем христијанин, татко и прекрасен човек. Овој невин верски поглавар веднаш мора да биде пуштен на слобода“, наведе Трамп на профилот на Твитер.
Иста закана до Турција упати и американскиот потпретседател Мајк Пенс.
„Доколку Турција не го ослободи веднаш свештеникот Брaнсон, и не го прати дома во Америка, САД ќе воведат значајни санкции сè додека овој невин верски поглавар не биде пуштен на слобода“, изјави Пенс.
На американскиот свештеник Ендру Крег Брaнсон, обвинет за шпионажа и активности во име на ПКК и ФЕТО, казната му е преиначена во домашен притвор.
Брaнсон беше уапсен кон крајот на 2016 година и оттогаш се наоѓа во притвор. Обвинет е за активности и шпионажа во корист на терористичките организации ПКК и ФЕТО.
На барање на Oбвинителството, судот во Измир на 18 јули му изрече мерка притвор на американскиот свештеник за време на судската постапка, но поради неговите здравствени проблеми таа мерка е преиначена во домашен притвор.
Во обвинението се наведува дека контактирал со членови на терористичката организација ФЕТО. Освен тоа, наведени се и неговите пораки дека му е жал што не успеал државниот удар во Турција, коj припадниците на ФЕТО се обидоа да го извршат на 15 јули 2016 година.
На Брaнсон му се заканува затворска казна во траење од 35 години.