Furkan Abdula
27 Август 2021•Ажурирај: 28 Август 2021
СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија бројот на вакцинирани граѓани против новиот вид коронавирус (Ковид-19) надмина 700.000, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за здравство на земјата се истакнува дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.
„На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 703.557 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 7.625 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.883 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.220.375 дози вакцини, а ревакцинирани се 516.797 граѓани“, се наведува во соопштението.
Се нагласува дека со последните бројки, 51 отсто од населението над 40 години има примено барем една доза вакцина и 26 отсто од населението од 18 до 39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Според соопштеното, граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктови низ државата.
Како што се вели во соопштението, процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба.
Во соопштението на Министерството се истакнува дека децата од 12 до 18-годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.
„Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста, се намалува шансата од заболување, како и смртен исход од неа“, се додава во ова соопштение.