Aldijana Hadzic
27 Август 2021•Ажурирај: 27 Август 2021
САРАЕВО (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на еднодневната посета на Босна и Херцеговина ги посети Шехидските гробишта „Ковачи“ во Сараево, каде што положи цвеќе и ја кажа молитвата „Фатиха“ на гробот на првиот претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Делегацијата, покрај турскиот претседател, ја сочинуваат сопругата Емине, министерот за трговија, Мехмет Муш, министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, шефот на канцеларијата за комуникации, Фахретин Алтун и портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин.
Турската делегација беше придружувана и од членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, и реисот на Исламската заедница во БиХ, Хусеин еф. Кавазовиќ.
Ердоган ќе клања џума-намаз во џамијата во Баш чаршија, односно во Џамијата „Хаваџа Дурак“, која од 16 век го краси старото јадро на Сараево, а која ја реставрира Генералната дирекција на вакафот на Република Турција.
Реставрацијата на оваа градба од 1528 година започна во 2017 година, а поради пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, откажана е програмата за свечено отворање.
Протоколот за реставрација на џамијата која повеќепати е обновувана, а поголема обнова е онаа од 1866/1867 година, во април 2017 година ја потпишаа претставниците на Генералната дирекција на вакафот на Република Турција и Вакафската дирекција на Исламската заедница во БиХ.
Турскиот претседател Ердоган потоа ќе се сретне со претседателот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, Шефик Џаферовиќ и Милорад Додик. Прес-конференција е закажана по состанокот и работната вечера.
Ердоган по БиХ ќе ја посети и Црна Гора.