Zlatan Kapic
27 Август 2021•Ажурирај: 27 Август 2021
САРАЕВО (АА) - Џамиите се симбол на заедништво на сите луѓе и знак на братство на сите муслимани, а нашите пријатели немуслимани се добредојдени да ја посетат и оваа џамија, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во говорот на свеченото отворање на џамијата во Башчаршија во Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, каде што престојува во официјална посета, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Отворањето на џамијата во Башчаршија на денешниот ден тука со вас ми создава големо задоволство“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател потсети дека активностите насочени кон враќање на стариот сјај на еден од симболите на градот Сараево започнале пред шест години.
Потсетувајќи дека работата за реставрација на џамијата во Башчаршија започнала во 2017 година, Ердоган рече дека се работело и на надворешноста и внатрешноста на џамијата.
„Реставрацијата на џамијата беше завршена минатата година и планиравме да ја отвориме ноќта на Лејлету-мираџ на 21 март 2020 година. Меѓутоа, поради пандемијата на коронавирусот, која го зафати целиот свет, моравме да го одложиме официјалното отворање на џамијата. Денеска го живеам овој среќен момент заедно со вас, кога ја отвораме оваа џамија“, изјави Ердоган и потсети дека во Куранот се вели дека џамиите ги одржуваат оние кои се искрени верници и кои не се плашат од никого освен од Алах.
Турскиот претседател истакна дека џамиите се симбол на единство.
„Џамиите се симбол на единството на сите луѓе и знак на братство на сите муслимани“, рече Ердоган.
Тој потсети дека џамиите уште од времето на божјиот пратеник Мухамед се центри на воспитание и наука, порачувајќи: „Нашите деца треба повеќе да ги носиме во џамиите.“
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, свечено ја отвори џамијата во Башчаршија, која беше обновена во главниот град на Босна и Херцеговина од страна на Генералната дирекција за вакаф на Република Турција.
Ердоган клањаше џума-намаз во џамијата во Башчаршија, односно во Џамијата „Хаваџа Дурак“, која од 16 век го краси старото јадро на Сараево, а која ја реставрира Генералната дирекција на вакафот на Република Турција.
По петочната молитва, која ја предводеше реис-и-улемот на Исламската заедница во БиХ, Хусеин еф. Кавазовиќ, одржано е свечено отворање на џамијата.
На свеченото отворање присуствуваа членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, турскиот министер за трговија, Мехмет Муш, министерот за култура, Мехмет Нури Ерсој, претседателот на турската Дирекција за комуникации, Фахретин Алтун, портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин и многу други официјални претставници и граѓани.
Реставрацијата на оваа градба која датира од 1528 година започна во 2017 година, а поради пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, откажана е програмата за свечено отворање.
Протоколот за реставрација на џамијата која повеќепати е обновувана, а поголема обнова е онаа од 1866/1867 година, во април 2017 година ја потпишаа претставниците на Генералната дирекција на вакафот на Република Турција и Вакафската дирекција на Исламската заедница во БиХ.
Турскиот претседател Ердоган подоцна ќе се сретне со претседателот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, Шефик Џаферовиќ и Милорад Додик. Прес-конференција е закажана по состанокот и работната вечера.
Ердоган по БиХ ќе ја посети и Црна Гора.