Admir Fazlagic
18 Септември 2019•Ажурирај: 19 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Лекарите и здравствените работници, по неколкуте напади врз доктори и медицински сестри што се случија неодамна, денеска во Скопје одржаа протест под мотото „Доста е! Стоп за насилството врз медицинарите“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Стоп за насилството врз здравствените работници“, „Почитувани пациенти, не сме семоќни“, „Не ги игрорирајте специјализантите и младите доктори“, „Господине министре, спречете го одливот на здравствениот персонал“ - беа само дел од транспарентите кои на протестот ги носеа собраните лекари и другите здравствени работници, упатувајќи порака дека не е дозволено какво било насилство врз медицинскиот персонал.
Протестите пред Клинички центар - Скопје, пред ГОБ „8 Септември“, пред Градската болница, пред поликлиники и здравствени домови, пред ординации, пунктови, се одржаа во организација на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.
Во име на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, пред собраните и пред медиумите се обрати Ненад Лазаров кој рече дека медицинскиот персонал во земјата е најниско платен во Европа, со обем на работа над секој можен стандард, во безмалку катастрофални услови за работа, но дека и покрај сѐ, овај персонал го носи на свој грб тешкиот товар, за да опстои здравствениот систем.
„Токму поради ова, недозволиво е какво било насилство врз медицинскиот персонал. Собрани сме да кажеме „доста е“. Ова ќе биде наш последен револт, повеќе не смееме да дозволиме да бидат напаѓани здравствените работници. Долги години тенденциите и негативната кампања се одразуваат врз медицинските работници, а целта е да се стават во сенка лошите одлуки на раководните лица во системот. Време е да се преземат мерки за подобри услови на работниците и пациентите. Ќе престанеме да работиме сѐ додека овие прашања не бидат решени“, изјави Лазаров.
Од Асоцијацијата истакнаа дека следниот протест ќе почне и нема да заврши, и испратија пет барања: Итно донесување на закон за докторска дејност кој ќе биде составен во соработка со сите еснафски здруженија, итно законско изедначување на напад врз целиот медицински персонал со напад врз службено лице, полициско обезбедување на сите поголеми здравствени установи, особено ургентните центри, задолжителна организација и систем на внатрешна контрола и санкција на медицински работници кои се однесуваат непрофесионално кон пациентите.
На денешниот собир на лекарите и здравствените работици се појави и министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, кој порача дека со насилство не се решаваат работите.
„Сметам дека нема никаква логика да се крене рака кон здравствени работници кои деноноќно се борат за животите на најблиските. Сите тие пристапи се казниви и се предвидени парични, но и затворски казни. Презедовме конкретни мерки, ќе има мобилна патрола таму каде што се среќаваат најголем број пациенти. Нема да дозволиме да се случуваат вакви инциденти. Ова ја надминува секоја логика. Ќе преземеме мерки кои ќе го унапредат статусот на здравствените работници. Моето присуство овде е поддршка, затоа што ова е нешто што се случува со години наназад“, рече Филипче.
Тој рече дека казните за сите напаѓачи се предвидени во Законот за здравствена заштита, а констатираше и дека во контекст на безбедноста на лекарите и здравствените работници, обезбедувањето не е ефикасно.
„Такви неефикасни вработувања нема да водат никаде. Ги разгледавме сите околности и заклучивме, патрола на полицијата е најефикасен начин за докторите“, додаде Филипче.