Emre Aytekin
28 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
АНКАРА (АА) – Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) предупреди дека децата бегалци што од регионите на Африка и од Блискиот Исток доаѓаат во Либија, а потоа преку Средоземното Море сакаат да преминат во Европа, се изложени на насилство и на сексуална злоупотреба на широк и систематски начин, јавува Anadolu Agency (AA).
УНИЦЕФ во својот извештај насловен како „Смртоносното патување за децата“ ги евидентира случаите на насилство, сексуалнП злоупотреба, како и ропството на кои се изложени голем број од децата мигранти на нивниот пат кон надежта.
Во овој извештај се вели дека минатата година околу 28.000 деца, од кои повеќето не биле под надзор на нивните родители, пристигнале во Европа преку Средоземното Море. Во неколку места, во текот на нивното мигрирање овие деца биле изложени на злоупотреба од страна на трговците со луѓе, како и од страна на службениците. Многу случаи на злоупотреба не биле пријавени во судските органи поради стравот од апсење и од депортација.
„Речиси половина од интервјуираните жени и деца раскажале дека биле изложени на сексуална злоупотреба во текот на нивното мигрирање, додека во многу случаи ова се случило повеќепати и на повеќе места“, се вели во извештајот.
Исто така, во извештајот се нагласува дека причината зошто овие случаи не биле пријавени во судските органи е бидејќи сексуалните злоупотреби се случувале при преминувањето на границите, и дека повеќето од сторителите се униформирани службеници.
- Предупредување во врска со Либија -
Во извештајот се пренесува дека ваквите случаи се регистрираат во Либија, којашто е транзитно место за мигрантите бидејќи е најблиску до Италија, и една третина од интервјуираните мигранти истакнале дека биле сексуално злоупотребувани во Либија.
Во овој извештај се вели дека во Либија има 34 мигрантски центри. Во повеќето од нив условите за престој се мошне лоши, а тие се под ингеренција на Министерството за борба против илегалната миграција. Исто така се вели дека некои центри се под контрола на вооружените милициски групи и дека состојбата во овие центри кои не се достапни за јавноста се мошне загрижувачки.
„Либија стана главна рута за сексуална трговија во Европа“, се вели во извештајот, и се истакнува дека овие мигранти кои се надеваат на нов живот, паѓаат во стапицата на трговците со луѓе, се задолжуваат и се принудени на сексуално ропство.
Растечката политичка нестабилност во Либија ја доведе оваа ситуација и во полоша состојба.
УНИЦЕФ апелира до Либија и до соседните земји, да обрнат повеќе внимание на заштитата на децата. Во извештајот се вели дека треба да се формираат законски механизми за спречување на трговијата со луѓе, како и за заштита на децата од оружените судири. Исто така, се препорачува да се воспостави една регионална иницијатива за водење евиденција на раѓањето, како и повторно да се обединат раздвоените семејства.
Според информациите на Обединетите нации, минатата година бројот на мигрантите во Либија бил над 250.000. Околу 180.000 од овие мигранти пристигнале во Италија преку Средоземното Море.