Abdula Berisha
18 Септември 2019•Ажурирај: 19 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Северозападна Македонија, во соработка со Бизнис-комората на Косово, како и Комората за индустрија и трговија на Тирана, организираа Регионален Б2Б настан, на кој бизнисмените од трите земји имаа можност да се запознаат одблизу, јавува Anadolu Agency (AA).
На свеченото отворање беа присутни голем број службени лица, меѓу кои и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министерот за економија, Крешник Бектеши, директорите на царините од трите земји, амбасадорите на Албанија и на Косово, како и бројни бизнисмени.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во својот говор ги истакна добрите односи меѓу државите и народите на Северна Македонија, Албанија и Косово, потенцирајќи дека тоа треба да се материјализира во уште подобри економски односи.
Заев, исто така рече дека владите на сите три земји се посветени на подобрување на инфраструктурните услови и административните процедури за олеснување на работењето на економските субјекти.
„Нема ниту западниот свет, ниту остатокот од светот повеќе да нè цени и да соработува со нас, ако ние не се цениме овде во овој регион повеќе и повеќе не соработуваме. Потенцијалот е огромен. Тој потенцијал можат да го препознаат само деловните луѓе“, рече Заев.
Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, во изјавата за медиумите рече дека ваквите настани се добредојдени, истакнувајќи дека на нив, институциите директно од бизнисмените можат да дознаат за ефектите од мерките што ги преземаат.
„Ние како Министерство, но во исто време и како Влада, ги поддржуваме ваквите настани, со единствена цел, директно од бизнисот да ги добиеме потребните повратни информации околу новите идеи, но истовремено и за проблемите на кои Владата треба да се фокусира, со единствена цел да се олесни трговијата меѓу нашите земји“, рече Бектеши.
Претставниците на стопанските комори исто така рекоа дека постои голем потенцијал за зголемена трговска размена помеѓу земјите и повикаа на поголеми инфраструктурни инвестиции.