Bojana Stojanovic
19 Септември 2019•Ажурирај: 19 Септември 2019
БЕЛГРАД (AA) - На граничниот премин Прешево помеѓу Србија и Северна Македонија, цариниците и полицијата спречија обид за криумчарење антички предмети стари повеќе од 2 илјади години од автомобил со италијански регистарски ознаки со кој управуваше македонски државјанин (54), соопштено е денес од Царинската управа на Србија, пренесува Anadolu Agency (AA).
На задното седиште на автомобил, во патна торба со лични работи пронајдени се седум камени предмети од археолошка вредност, а станува збор за предмети од жолто-кафеав килибар и два мермерни предмети со стилизирани претстави на жена, маж и коњи, изведени во техниката длабокорез, како и еден камен сад во форма на вазна.
Возачот, на службениците им рекол дека предметите ги добил од свој пријател, кој ги открил во близина на Струмица и дека имал намера да ги однесе во Италија каде што живее за да го красат неговиот дом.
„Со оглед на тоа дека се работи за антички предмети чија старост и вредност е можно да се утврди само со стручна експертиза, консултирано е Одделението за археологија при Народиот музеј во Врање, кое потврди дека станува збор за предмети од еленистичкиот период, стари околу 2.500 години“, наведено е во соопштение.
Со оглед на тоа што се работи за странски државјанин, Кривичниот суд во Прешево во итна постапка донел одлука патникот кој се обидел да ги прокриумчари антиквитетните предмети да биде казнет со парична казна, а бидејќи вредноста на прекршокот надминува третина од вредноста на возилото во кое предметите се пронајдени, задржан е и автомобилот „голф 3 караван“. Со пресудата е одлучено и предметите да бидат трајно одземени и предадени на Народниот музеј во Врање.