Husamedin Gina
19 Септември 2019•Ажурирај: 20 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Владата на Република Северна Македонија со безбедносни и проактивни мерки ќе се бори против лажните вести и нападите на демократијата, јавува Anadolu Agency (AA).
На првиот консултативен состанок на Акциската група за координација на институциите на државата за борба против дезинформации и напади на демократијата, присуствуваа претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во своето обраќање истакна дека лажните вести стануваат едни од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави.
„Лажните вести полека, но сигурно, стануваат едни од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави поради нивниот капацитет да ја изобличуваат вистината и да ги поткопуваат вредностите на демократијата како политички систем“, нагласи претседателот Пендаровски, додавајќи дека во изминатите години го виделе потенцијалот на лажните вести да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси, и кај нас и во светот.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, истакнувајќи дека е неопходна голема внимателност при рабатотата на институциите, рече дека тие мораат да бидат отчетни, и во исто време да ја стеснат можноста од евентуалните манипулации, ажурирајќи навремени информации.
„Дезинформациите се всушност, едни од главните предизвици на демократијата како универзално право на човештвото. Кога зборувам за демократија, граѓаните имаат право на достапност до информациите за отчетност во работењето на јавните личности, со цел да стекнат доверба кај носителите на јавните функции“, рече Џафери.
Џафери, исто така рече дека ги поздравува чекорите што ќе бидат преземени од Владата за да се спречи ширењето на дезинформациите преку креирањето на националната стратегија, отворената дискусија со медиумите и медиумските здружение, со една цел - утврдување на медиумски стандарди за интернет-порталите согласно препораките на Европската комисија.
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање на конститутивниот состанок на Акциската група, наведувајќи примери од лажни вести од минатите години рече дека пропагандата, дезинформациите и лажните вести имаат потенцијал да го поларизираат јавното мислење, да промовираат говор на омраза и насилство, и конечно, да ја поткопаат демократијата и да ја намалат довербата во демократските вредности.
„Трендот на ширење шокантни вести и невистини е најголем поткопувач на демократските, реформските и прогресивните процеси во општеството. Денес, користејќи ја развиената технологија, дезинформациите влијаат на нашите општества, предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор итн“, нагласи премиерот Заев, додавајќи дека Северна Македонија во последните две години се соочи со овој феномен.