Zylfije Adem Jakupi
16 Јули 2020•Ажурирај: 17 Јули 2020
ПРИШТИНА (АА) - Во продолжување на дијалогот по 20 месеци застој, во Брисел денес е одржан првиот состанок на премиерот на Косово Авдулах Хоти и претседателот на Србија Александар Вучиќ со посредување на Европската унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Домаќин на состанокот беше комесарот за надворешна политика и безбедност на ЕУ Џозеф Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот на Косово и Србија, Мирослав Лајчак.
Косовскиот премиер Хоти по состанокот повтори дека начелата на Косово во дијалогот се познати и дека единствено можно решение е заемно признавање помеѓу Косово и Србија. Според него, тоа им е претставено и на меѓународните партнери.
„Денес со наше инсистирање разговаравме за две важни теми за граѓаните на Косово, за исчезнатите лица и за економската соработка. Состанокот беше тежок", рече Хоти.
Истакна дека имало напредок и дека деталите ќе бидат достапни во наредните денови. Додаде дека се разговарало и за следниот состанок за кој ќе се знае повеќе во наредните недели. Хоти рече дека е можно да има разговори и од техничка природа.
Европскиот шеф на дипломатијата Борел, пред почетокот на дијалогот рече дека очекува конструктивна дискусија за првите елементи од разговорите кои ќе придонесат за нормализација на односите на Косово и Србија.
„Ги охрабрувам двете страни на денешните разговори да им пристапат во духот на компромис и прагматизмот и со размислување за европската иднина на граѓаните на Србија и Косово", рече Борел во видео пораката.
На денешниот состанок во Брисел претходеше видео состанокот на Хоти и Вучиќ в недела, со Борел и Лајчак кој имаше за цел да го подготви продолжувањето на дијалогот.
Дијалогот во Брисел е прекинат во декември 2018 година кога тогашниот премиер на Косово Рамуш Харадинај воведе такса од 100 отсто на робата увезена од Србија и БиХ, кои во меѓувреме се укинати, под голем политички притисок врз косовските челници од страна на главните земји на ЕУ и САД.
Во дијалогот не учествува досегашниот косовски главен преговарач Хашим Тачи, кој веќе четири дена го испитува Специјалното обвинителство во Хаг откако против него покрена обвинение за воени злосторства.