Zülfiya Yakup
19 Април 2017•Ажурирај: 20 Април 2017
ПРИШТИНА (АА) - Дијалогот меѓу Косово и Србија што се води во Брисел со посредство на ЕУ, даде позитивни резултати, оцени денес премиерот на Косово, Иса Мустафа, учествувајќи на тркалезната маса по повод потпишувањето на Бриселскиот договор за нормализација на односите на двете земји. Тој порача дека дијалогот мора да продолжи за да се решат наследените проблеми со Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Дискусијата на тема „4 години по потпишувањето на априлскиот договор меѓу Србија и Косово – колку помага политичкиот дијалог?“, ја организираше невладината организација Група за правни и политички студии, а покрај премиерот, учествуваа и шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Наталија Апостолова, и претставниците на граѓанското општество.
Косовскиот премиер наведе што сѐ е постигнато со дијалогот и го истакна ширењето на суверенитетот на Косово и во северниот дел на територијата, каде што во мнозинство живее српско население, напредувањето на европскиот пат на Косово преку потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација, и воспоставувањето реципроцитет со Србија во неколку области.
„Реципроцитетот е постигнат во признавањето на дипломите, воспоставено е интегрирано управување со граничните премини, воспоставени се државни институции во северниот дел на земјата, изгаснати се некои паралелни структури, меѓу кои се и паралелните судови“, изјави Мустафа.
Меѓу достигнувањата на дијалогот, тој истакна дека и граѓаните на Косово можат да патуваат со косовски документи низ Србија и дека Косово добило меѓународен телефонски код. Исто така, Мустафа изјави дека останува да се реализираат договорите за енергетика, катастар, како и за формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово (ЗСО).
„Заедницата е речиси главен дел од првиот договор постигнат во Брисел, како што е основна компонента и на вториот договор што го постигнавме во Брисел, во 2015 година. Тој договор е третиран од страна на Уставниот суд на Косово и она што е важно е дека со договорот од 2015, за првпат одредивме Уставниот суд да го даде своето мислење, и Србија се сложи со тоа“, изјави Мустафа.
Тој додаде дека заедницата сега мора да се формира во согласност со препораките на Уставниот суд. Меѓутоа, премиерот не можеше да каже како точно ќе изгледа ЗСО, но нагласи дека секако ќе биде во уставните и законските рамки на Косово. Мустафа наведе дека повеќепати ги повикувал српските претставници да се почне разговор за формирање на ЗСО, но дека тие не изразиле голема заинтересираност за тоа. Косовскиот премиер оцени дека во иднина треба да се забрза темпото на дијалогот со Србија и да се постине согласност за прашањата што треба да се решат со дијалог, како и процедурите за спроведување на постигнатите договори.
Шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Наталија Апостолова, истакна дека дијалогот со Србија треба да се набљудува како национален интерес на Косово, затоа што напредокот во дијалогот е предуслов за двете земји во процесот на европските интеграции. Таа оцени дека бриселскиот дијалог е успешна приказна и со него е постигнато многу во олеснувањето на секојдневниот живот на граѓаните од двете земји. Апостолова порача и дека страните треба што побрзо да се вратат на масата и да ги решаваат проблемите.
„Треба да се продолжи со поголема брзина и реализацијата мора да биде побрза. Косово и Србија одредуваат за што ќе се разговара и како договорите ќе се постигнат, а ЕУ е тука само за да го олесни дијалогот“, изјави Апостолова.