Besar Ademi
28 Јули 2017•Ажурирај: 29 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Меѓународната невладина организација за социјална заштита на децата, СОС Детско село – Македонија, Фондот на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ) и Министерството за труд и социјална политика ја претставија иницијативата за воспоставување модел на општествен договор, како и резултатите од анализите за придобивките од примената на овој модел, јавува Anadolu Agency (AA).
Иницијативата за воспоставување модел на општествен договор предвидува приватниот сектор да биде вклучен во обезбедувањето социјални услуги, како и да се подготви законска регулатива со којашто ќе се регулира оваа дејност. Според претставените истражувањата од извршените анализи, одредувањето на улогата на државата и приватниот сектор во обезбедувањето општествени услуги е од суштинско значење за воспоставувањето, обезбедувањето и следењето на заштитата на ранливите категории граѓани во Македонија.
Националниот директор на СОС Детско село – Македонија, Јулијана Гапо, најави дека СОС Детско село до Министерството за труд и социјална политика ќе ги достави документите на истражувањето на моделот, кои, како што вели, се надева оти не само што ќе бидат прифатени, туку исто така, ќе се користат и ќе се спроведуваат.
Гапо додаде дека со спроведувањето на документите, државата ќе има можност регулирана со закон да вклучува приватни даватели на општествени услуги во системот на социјалната заштита.
„Можеме гордо да кажеме дека финализираме една фаза од овој значаен процес и дека бевме носители на промовирање на на мерките потребни за водедување на овој модел заедно со сите парнери коишто го поддржаа истото“, рече Гапо.
Во меѓувреме, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, рече дека сите анализи што досега се направени покажаа оти Македонија издвојува финансиски средства и дека постојат одредени општествени услуги за граѓаните, но како што рече, крајниот ефект се губи некаде по пат.
„Системот на социјална заштита ќе треба навистина заеднички да се погрижиме да добие слика којашто е соодветна за 21 век и да ги следиме меѓународните трендови како мрежата на социјални услуги треба да изгледа, да следиме колку и како финансиски државата треба да се транферира кон граѓаните за да може конечно да ги дадеме ефектите“, изјави Царовска, додавајќи дека ресорот што го предводи ќе работи не само на тоа да се донесе нова законска регулатива, туку исто така, и да се видат во практиката сите оние нешта што ќе бидат пропишани со тој закон.