Abdula Berisha
28 Мај 2019•Ажурирај: 29 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во Северна Македонија е отворен првиот Дневен центар за лицата со Даунов синдром, кој има доволно простор да згрижи 30 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
На свеченоста на отварањето на Дневниот центар, освен децата и лицата со Даунов синдром, присуствуваа и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, првата дама на Северна Македонија, Елизабета Пендаровска, како и претставници на други институции и невладини организации.
Министерката Царовска во изјавата за медиумите рече дека изградбата и отворањето на овој центар покажуваат дека резултатите може да се постигнат само со активно учество на сите засегнати страни.
„Вложивме 6,5 милиони денари за негово опремување и реконструкција. Граѓанските организации, меѓу кои и Здружението на родители на деца со Даунов синдром, учествуваа во дизајнот, во креирањето и исполнувањето на стандардите“, рече Царовска, додавајќи дека ова ѝ дава надеж дека овој центар ќе ги исполни потребите на лицата со Даунов синдром.
Министерката упати апел до сите доброволни граѓани да се приклучат во одржувањето на овој центар.
Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, во својата изјава рече дека се чувствува посебно горд што Градот Скопје учествува во оваа новост во Северна Македонија. Тој истакна дека Градот Скопје две години по ред финансиски го поддржува овој проект преку Здружението на родители на деца со Даунов синдром.
„Ова ќе продолжи и во иднина, бидејќи јас цврсто верувам во политиките на инклузија. Верувам дека секој сегмент од нашето општество, сите граѓани во нашето општество заслужуваат еднаква шанса“, рече Шилегов.
На овој настан беше присутна и првата дама на Република Северна Македонија, Елизабета Пендаровска, која во свое име и во име на претседателот Стево Пендаровски го поздрави отворањето на овој дневен центар.
И Пендаровска упати апел за учество на волонтерите во секојдневната работа на Центарот, истакнувајќи дека колку повеќе се работи со децата со Даунов синдром, толку повеќе доаѓаат до израз нивните таленти.
По изјавите за медиумите, Здружението на родители на деца со Даунов синдром им додели благодарници на институциите кои придонесоа за отворањето на овој центар, додека децата со Даунов синдром им се заблагодарија на присутните преку заедничкото танцување подготвено специјално за овој повод.
Објектот е опремен со простории за одмор, рекреација и спорт за лицата со Даунов синдром. Центарот ќе работи двосменски од 8:00 часот наутро до 20:00 часот навечер. Со децата ќе работи стручен тим составен од педагог, психолог, дефектолог и негувател.