Zülfiya Yakup
28 Мај 2019•Ажурирај: 29 Мај 2019
ПРИШТИНА (АА) - Билансот на денешната полициска операција на Косово изнесува 19 уапсени полициски службеници, 5 повредени полицајци, од кои еден е ранет од огнено оружје, и 6 повредени граѓани кои се наоѓале на барикадите, јавува Anadolu Agency (AA).
На вонредната заедничка прес-конференција на Обвинителството и Инспекторатот на полицијата на Косово, обвинителот Суле Хоџа изјави дека Специјалното обвинителство на Косово (STK) во април минатата година покренало процесуирани работи против неколку осомничени лица за злоупотреба на службената позиција, кривични дела на организиран криминал, криумчарење на стока, земање мито и друго.
За време на тој период, истакна Хоџа, Специјалното обвинителство на Косово, во соработка со истражителите на полицијата на Косово заврши многу процесуирани работи, а истражителите на терен работеа врз основа на добиените налози на Основниот суд во Приштина.
По една година работа Специјалното обвинителство на Косово, како што нагласи Хоџа, собрало докази и побарало налог за претрес на куќи и помошни локали на сите осомничени, меѓу кои имало и раководители и службеници на полицијата на Косово, од албанска, српска, бошњачка и други националности, како и граѓани кои направиле сомнителни работи со шверц на стока.
Мирадие Келменди од Косовскиот полициски инспекторат за новинарите рече дека по една година истрага, во соработка со Косовското специјално обвинителство и косовската полиција, била спроведена операција за апсење на полициски службеници на северниот дел на Косово.
Келменди рече дека вработените во косовската полиција биле вклучени во криминални активности и осомничени за кривично дело „учество или организација на криминална група“, во врска со други кривични дела, како што се „криумчарење на стока“, „злоупотреба на службената положба“, „поткуп“, „забранета трговија“, итн.
„Во денешната операција се претресени 12 локации, уапсени се 19 вработени во полицијата на Косово, од кои 11 од српска националност, 4 од албанска и 4 од бошњачка националност. Од уапсените еден е со чин капетан, командант на полициска станица, тројца со чин наредник и останатите се полициски официјални претставници. Конфискувани се различни нелегални работи, како што се оружје, технолошка опрема, одредено количество пари и сѐ ќе биде искористено како материјален доказ во понатамашна процедура“, изјави Келменди.
Таа посочи дека истрагата ќе продолжи во правец на расветлување на овие кривични дела и дека сите уапсени службеници според наредбата на обвинителот се задржани на 48 часа и се суспендирани од работа.
Директорот на косовската полиција рече дека операцијата започнала во 6:00 часот изутрина и дека во повеќето општини сè се одвивало непречено, без прекини и проблеми, додека во општината Забин Поток имало многу проблеми, а полицијата била гаѓана од оружје. Кајал рече дека еден полицаец бил ранет, но дека тој не бил во животна опасност.
„Вкупниот број повредени полицајци изнесува пет, а еден од нив од огнено оружје. Другиот е погоден со чаура, која не навлегла во неговото тело, туку само предизвикала модринки. Уште три полицајци се повредени при обид на отворање на барикада на патот“, изјави Кајал.
Тој додаде дека 6 лица кои биле на барикадите, се повредени. За време на претресот на куќи и локали во општините Јужна Митровица, Вучитрн и Глоговац, исто така биле уапсени неколку граѓани. Тој истакна и дека за време на операцијата беа запленети 11 парчиња огнено оружје, како и телефони и банкноти. При тоа оцени дека операцијата била успешна.
Директорот на полицијата, во одговорите на прашањата на новинарите, изјави дека денеска дошло и до апсење на еден руски државјанин.
Кајал рече дека во обид да ги отстрани барикадите, рускиот државјанин, претставник на ОН, заедно со локален претставник на ОН, бил во автомобил на ОН на барикадите и по тој повод и двајца се уапсени.