Adel Omeragic
28 Мај 2019•Ажурирај: 29 Мај 2019
ПОДГОРИЦА (АА) - Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, денеска порача дека Владата на Црна Гора нема да ги прекине дипломатските односи со Руската Федерација, по пресудите за обидот за државен удар на денот на изборите во 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Марковиќ одговараше на прашања, а пратеникот Небојша Медојевиќ од Демократскиот фронт, кого го интересираше дали Владата ќе ги прекине дипломатските односи со Русија по пресудата во која се тврди дека државните органи и службите на оваа земја учествувале во обидот за убиство на тогашниот премиер.
Премиерот Марковиќ го предупреди Медојевиќ дека извртува одредени детали за случајот во целина.
„Никаде не е кажано дека руските органи учествувале во обид за убиство на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ. Владата нема да ги прекине дипломатските односи со Руската Федерација, туку стрпливо ќе работи тие да се подигнат на повисоко ниво“, рече Марковиќ.
Црногорскиот премиер истакна дека не постојат ризици по мирот и стабилноста во Црна Гора по пресудата за обидот за државен удар, наведувајќи дека тие ризици нема да постојат ниту по правосилната пресуда.
„Дали некој, во настојување да избегне соочување со правдата, ќе посегне по некои нерационални активности, тоа Вие подобро го знаете од мене“, рече Марковиќ.
На 9 мај Вишиот суд во Подгорица ги прогласи за виновни сите обвинети за обидот за државен удар на денот на парламентарните избори во 2016 година. Двајца руски државјани, Едуард Шишмаков и Владимир Попов, осудени се на 15 години и 12 години затвор.