Admir Fazlagic
28 Мај 2019•Ажурирај: 29 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, беа пречекани со церемонија со највисоки државни почести од премиерот на Словенија, Марјан Шарец, како дел од програмата на официјалната посета, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти владината прес-служба, премиерите на Словенија и Северна Македонија потоа одржаа тет-а-тет средба на која ги потврдија одличните традиционални пријателски односи меѓу двете земји како основа за уште поинтензивна економска соработка.
Премиерот Заев го запознал словенечкиот премиер со актуелната политичка ситуација во Република Северна Македонија, која, како што се наведува, со успешно спроведените избори за претседател на државата и со темпото на реализација на реформските процеси, со право го очекува одобрувањето на стартот на отворањето на преговорите по поглавја од Европската комисија.
„Во тој правец премиерот Заев истакна дека за нашата земја ќе биде од особено значење Словенија да продолжи силно да ја поддржува нашата земја помеѓу европските партнери во оваа фаза од пристапувањето на Северна Македонија во членство во НАТО и ЕУ, со оглед на тоа што Словенија има значајно влијание и улога во ЕУ. На средбата помеѓу двајцата премиери беа споделени позитивни очекувања од заедничкиот Бизнис-форум во организација на стопанските комори на Северна Македонија и Словенија“, се вели во соопштението.
Според програмата од официјалната посета на делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, премиерот Заев ќе оствари средби и со претседателот на Словенија, Борут Пахор и со претседателот на Државниот збор на Словенија, Дејан Жидан.