Zülfiya Yakup
28 Мај 2019•Ажурирај: 28 Мај 2019
ПРИШТИНА (АА) - КФОР соопшти дека косовската полиција спроведува операција низ Косово, по налогот за апсење од Судот во Приштина во врска со истрагата за корупција, и потврди дека ова е само полициска операција и дека Косовските безбедносни сили или кои било други воени сили не се распоредени во северниот дел на Косово, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Поради политичката чувствителност на моментот, командантот на КФОР ги повикува сите страни мирно и одговорно да ги решаваат споровите, без никаква употреба на сила или насилство. Луѓето треба да останат смирени, нема од што да се плашат“, се наведува во соопштението на КФОР.
Се истакнува дека КФОР продолжува со надгледувањето на ситуацијата и дека е подготвено да интервенира, доколку тоа се бара, како трета страна во линијата на одговорност, со цел да ја гарантира безбедноста за сите заедници во согласност со својот мандат според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Косовската полиција соопшти дека во текот на полициската операција, која се спроведува во неколку региони, вклучувајќи ги и општините Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ, Северна Митровица, Јужна Митровица, Скендерај и Глоговац, уапсени се неколку осомничени граѓани, полициски службеници од различни националности, Албанци, Срби и Бошњаци.
Полицијата на Косово соопшти дека покрај тоа што наишла на оружен отпор во Северна Митровица, исто така наишла и на неколку блокади на патиштата, што ја спречило циркулацијата на службени возила поради што била принудена да ги употреби неопходните средства за ослободување на патиштата, со цел продолжување на полициската операција.
Како што се истакнува од косовската полиција, на акцијата која се реализира денеска во северниот дел на Косово, ѝ претходела едномесечна полициска истрага на Инспекторатот на полицијата на Косово и Полицијата на Косово, според налогот на Специлајното обвинителство на Косово, која резултираше со основано сомнение дека некои полициски службеници и некои граѓани учествувале во криминални активности „учество или организација на криминална група“.
„Оваа полициска операција и понатаму трае, а како резултат на отпорот во Северна Митровица, еден полицаец е повреден, но е надвор од животна опасност, додека неколку полицајци и граѓани досега се уапсени, а запленети се разни предмети, вклучувајќи дури и оружје“ се вели во соопштението на полицијата.