ПРИШТИНА (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во рамките на својата денешна посета на Косово, во премиерскиот кабинет оствари средба со премиерот на Косово, Иса Мустафа, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата, премиерот Мустафа и генералниот секретар Столтенберг одржаа заедничка прес-конференција, каде што генералниот секретар на НАТО, Столтенберг истакна дека го поддржуваат процесот на дијалог и дека тоа е единствениот начин за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград.
Тој нагласи дека стабилноста на Западен Балкан е од суштинско значење за НАТО, бидејќи според него, безбедноста и стабилноста во регионот влијаат на стабилноста на цела Европа. Столтенберг, исто така, рече дека НАТО ќе го продолжи своето присуство во Косово, истакнувајќи дека во земјата во моментов се ангажирани околу 4 илјади 500 војници на НАТО.
„НАТО ќе остане посветен на безбедноста и стабилноста на Косово и КФОР ќе ја продолжи мисијата на зачувување и обезбедување мирен и безбеден амбиент и ќе ја гарантира слободата на движење за онолку колку што е потребно, согласно со нашиот мандат според резолуцијата на ОН“, рече Столтенберг.
Тој порача дека сега е време за смирување, а не за реторики што ги подигнуваат тензиите. Генералниот секретар, исто така, изрази поддршка за напорите во дијалогот меѓу Приштина и Белград, и ги повика сите страни на конструктивно учество во дијалогот.
„Денес разговаравме за потребата да се продолжат напорите за воздржаност и намалување на тензиите. Силно ве охрабрувам да го продолжите патот на дијалогот и помирувањето, бидејќи тоа е пат кон иднината и просперитетот на Косово и на целиот регион, како и кон иднината во евро-атлантската заедница“, нагласи Столтенберг.
Во однос на прашањето за трансформација на КБС, тој рече дека НАТО ќе игра важна улога во поддршката на КБС во рамките на својот мандат, но, според него, НАТО не одлучува за оваа структура, туку за неа треба да одлучат властите на Косово.
Од друга страна, премиерот на Косово, Иса Мустафа истакна дека посетата на генералниот секретар Столтенберг е голема чест за Косово и за неговите институции, и рече дека присуството на КФОР во Косово е многу важно за безбедноста на земјата, особено на заедниците, и дава придонес за мирот на Западен Балкан.
„Косово високо ја цени улогата на НАТО, а исто така се стреми да стане членка на НАТО. Сите политички партии во Косово, без оглед на тоа дали се од позицијата или опозицијата, изјавија дека Република Косово е целосно посветена на европските и на евро-атлантските интеграции и мислам дека ова е заеднички став на сите нас во Косово“, рече Мустафа.
Во оваа пригода тој ја истакна посветеноста на Владата за решавање на проблемите низ дијалог и рече дека единствената опција за во иднина е дијалогот. Мустафа, исто така, гарантираше дека српското население на Косово е целосно безбедно.
„Дијалог со Србија е стратешката ориентација на нашите политики за нормализирање на односите со оваа земја. Но, и покрај овој пристап, неодамна имавме некои систематски провокации на кои ние се согласивме да се надминат со мир и да се изгради една средина во која ќе преовладува мир во овој дел од регионот“, рече тој.
Мустафа нагласи дека неговата влада прави напори за надминување на прашањето за ратификација на договорот за демаркација на границата со Црна Гора и најави дека сега КБС прави напори за да се трансформира во вооружени сили. Според него, овој процес се држи под заложништво на српските пратеници, не поради нивната волја, туку поради директното влијание на Србија.
Во меѓувреме, во врска со прашањето за уривање на ѕидот во Митровица, Мустафа рече дека очекуваат во текот на денот да има контакти меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и општината Северна Митровица, со цел ова прашање да биде решено во рамките на законот. Тој, исто така, рече дека немаат доказ за какво било нарушување на границите на Косово.
Од друга страна, во однос на влијанието на Русија во Косово, Мустафа нагласи: „Не би сакале да имаме лоши односи ни со Србија, ни со Русија, ниту би сакале подароците дадени на Србија да се користат за провоцирање на ситуацијата во Косово“.
- Тачи на средба со Столтенберг: Косово е подготвено да ги унапреди односите со НАТО
Претседателот на Република Косово, Хашим Тачи денес го пречека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со кого разговараше за унапредувањето на односите меѓу косовските институции и НАТО.
Во соопштение од кабинетот на претседателот се вели дека за време на средбата, претседателот Тачи ја пофалил работата на КФОР во Косово, истакнувајќи дека со нивната посветеност успеале да станат институција со најголема доверба за нашите граѓани.
„Косово ја цени вашата улога и изразената подготвеност да се создаде основа за раст на нашата соработка. Нашата земја останува посветена на подобрување на односите со НАТО, како од политички аспект, така и од практичен“, изјави Тачи, додавајќи дека единствената аспирација на Косово е членството во ЕУ и во НАТО.
Претседателот Тачи и секретарот Столтенберг исто така зборуваа и за посветеноста на косовските власти во борбата против тероризмот и против верскиот екстремизам, за Косовските безбедносни сили, дијалогот со Србија и за добрососедските односи со земјите од Западен Балкан.
news_share_descriptionsubscription_contact
