Zülfiya Yakup
07 Ноември 2017•Ажурирај: 07 Ноември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Во Косово се регистрирани повеќе политички отколку инциденти на верска основа, а мнозинството граѓани на Косово борците од странските боишта ги смета за опасност по безбедноста, се наведува во најновиот извештај на Косовскиот центар за безбедносни студии (KCBS) направен со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот насловен „Оцена на опасноста во Косово од прогласувањето на независноста во 2008 година до јуни 2017 година“, покажува дека врската помеѓу вратените странски борци и заканите по безбедноста е многу слаба.
Различни извештаи покажуваат дека помеѓу 2012 и 2017 година околу 315 Косовари отпатувале во зоните на судири во Сирија и во Ирак, и дека една третина од нив се вратиле во Косово. Петмина, од околу 117 вратени странски борци, беа поврзани со закани, кои никогаш не беа извршени.
Истражувачот Скендер Пертеши, од Косовскиот центар за безбедносни студии, презентирајќи го извештајот наведе податок дека од 73 инциденти кои се случиле во Косово од февруари 2008 година до денес, 45 инциденти, или 62 отсто, се од политичка природа, додека 26 инциденти, или 36 отсто, биле инциденти на верска основа. Верските инциденти особено се во пораст по појавата на ДЕАШ на светската сцена.
„Од 2013 година во пораст се верските инциденти, во 2014 година политичките и верските закани се во однос 50 спроти 50 отсто. Во 2013 година, 43 отсто се закани од верски карактер, а 57 отсто се политички закани. Од појавата на ДЕАШ, значи во 2013 и 2014 година, заканите, односно инцидентите на верска основа драстично се зголемуваат. Од 14 отсто верски закани, колку што имаше во 2012 година, веднаш по појавувањето на ДЕАШ на сцената во 2013 година тие растат, па во 2017 година има 67 отсто закани или 9 инциденти од верска природа“, наведе Пертеши.
Понатаму, извештајот покажува дека во инцидентите од верски карактер во Косово нема жртви ниту повредени, додека во политичките инциденти настрадале осум лица. Меѓутоа, имало жртви во инциденти во други земји во коишто биле вмешани косовски граѓани.
Само во 3 од 73 инциденти се вмешани граѓани на Косово кои престојувале на странските боишта, бидејќи, како што рече, државата брзо реагирала на инцидентите од верска природа.
Извештајот покажува дека 75 отсто од граѓаните на Косово, борците вратени од странските боишта ги гледаат како закана за безбедноста, а над 50 отсто од граѓаните тие борци не би ги примиле назад во својата заедница.