Agim Sulaj
19 Ноември 2019•Ажурирај: 19 Ноември 2019
ПРИШТИНА (АА) - Италијанскиот генерал-мајор Мајкл Риси од денеска и официјално е нов командант на КФОР. Тој на свечената церемонија во Главниот штаб на КФОР во Приштина ја презеде должноста од досегашниот командант, неговиот сонародник, генерал-мајорот Лоренцо Д’Адарио, јавува Агенција Анадолија (AA).
Командантот во заминување, Д’Адарио, имаше свое обраќање на церемонијата, во кое рече дека промената на командата претставува обновување на посветеноста на НАТО во Косово.
„Имав цел да осигурам дека вредностите на НАТО ќе го мотивираат КФОР кон постигнување на најдобрите стандарди на услугите, на една формација во која секој поединец може да даде вреден придонес, зголемувајќи ги вештините, да биде горд што е важен член на една професионална воена заедница. Се обидов да бидам командант кој ја заслужува вашата несебична доверба“, рече Д’Адарио.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изрази благодарност до досегашниот командант и упати честитки до новиот командант.
„И по 20 години присуство во Косово, КФОР продолжува да биде една од организациите која ја ужива најголемата доверба на нашите граѓани. Оваа голема доверба не е случајна, туку е создадена благодарение на професионалната непристрасна и успешна работа која војниците на КФОР ја извршуваа во текот на овие години. Ви посакувам успех, не само во одбраната на надворешните граници на Косово, на неговиот воздушен простор, туку особено ви посакувам успех во поддржување на Косово и внатре во земјата“, додаде Тачи.
Новиот командант на КФОР, генерал-мајор Мајкл Риси, во своето обраќање им вети на војниците на КФОР дека ќе го даде максимумот за секој ден на терен и изрази задоволство од преземањето на оваа функција.
Тој упати благодарност до 20 земји сојузници и 8 партнерски земји кои придонесуваат за безбедноста на народот на Косово.