Abdula Berisha
19 Ноември 2019•Ажурирај: 20 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во Собранието на Република Северна Македонија заврши Министерскиот форум за правда и внатрешни работи „Европска Унија (ЕУ) - Западен Балкан“, којшто се одржа во рамки на финското претседателство со Советот на ЕУ, јавува Агенција Анадолија (AA).
На вториот ден од дводневниот Самит се разговараше за теми од секторот за внатрешни работи, а по состанокот се одржа заедничка прес-конференција на министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, министерката за внатрешни работи на Финска, Марија Охисало, како и европскиот комесар за миграција, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос.
Министерот Спасовски рече дека на Министерскиот форум ги потврдиле заедничките напори за соработка и солидарност, но и за размена на нови идеи и знаења.
„Нашите заеднички дискусии во текот на наведениот Министерски форум го потврдија фактот дека ефективното гранично управување и борбата против криумчарењето на мигранти остануваат наши заеднички приоритети, како за ЕУ, така и за земјите од Западен Балкан. За таа цел се обврзавме да ги решиме овие проблеми преку континуирана и засилена прекугранична соработка и размена на информации. Исто така, се согласивме дека тероризмот претставува глобална закана за безбедноста, а особено враќањето на странските терористички борци“, рече Спасовски.
- Се потпишаа договори меѓу ЕУ и земјите од регионот за борба против тероризмот
Министерката за внатрешни работи на Финска, Марија Охасало, земја која претседава со Советот на ЕУ, рече дека имале успешен ден, при тоа спомнувајќи дека биле потпишани договори меѓу ЕУ и неколку земји од регионот за борба против тероризмот.
„Министрите, исто така имаа размена на мислења за прашања поврзани со тероризмот и насилниот екстремизам. Денеска беа потпишани договори за борба против тероризмот меѓу ЕУ и Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија. Го поздравуваме постигнатиот напредок и се согласивме да продолжиме со добрата и конструктивна работа“, рече Оисало.
Комесарот Аврамопулос исто така изрази задоволство од потпишаните договори, со надеж дека наскоро слични договори ќе се потпишат и во други области, како што е прашањето за мигрантите.
Аврамопулос рече дека од шесте средби што ги имал со земјите од регионот, оваа била најплодна, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да го поддржува регионот во врска со миграцијата со фонд од 390 милиони евра.
- „Западен Балкан историски припаѓа на Европа“
Комесарот Аврамопулос зборуваше и за одлуката на Советот на ЕУ, во која не е утврден датум за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Тој ги повика европските политичари да не се плашат од интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, бидејќи според него, треба да се плашат од спротивното.
„Стојам овде, на европско тло, во регион што припаѓа на Европа историски, политички и културно. Единствената реална и разумна иднина за целиот регион е европската, бидејќи тој е дел од Европа“, рече Аврамопулос.
Тој исто така рече дека интеграцијата на регионот во ЕУ треба да остане стратешки приоритет на европската политика, изразувајќи надеж дека европските лидери ќе ја разгледаат одлуката и ќе одредат датум за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија.