Cuneyt Davut
15 Март 2016•Ажурирај: 16 Март 2016
ИДОМЕНИ (АА) - Грчкиот министер за миграција Јанис Музалас и Димитрис Аврамопулос, еврокомесарот за миграциски прашања, внатрешни работи и државјанство го посетија импровизираниот бегалскиот камп во Идомени, на северната граница на Грција со Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегацијата ги посети претставниците на меѓународните и локалните организации кои работат во рамките на бегалскиот камп, при што се информираа за случувањата во кампот, како и околу последните случувања во врска со илегалното влегување на бегалците на територијата на Република Македонија.
Аврамопулос во својата изјава во неколку наврати потенцираше дека целта на посетата е да ги испратат клучните пораки кои се однесуваат на состојбата со бегалската криза. Тој истакна дека една од пораките е пружање поддршка на грчките власти кои, како што рече тој, се справуваат со драматична и комплексна ситуација.
"Ова е вистински момент да се покаже солидарност и одговорност. Ова се двата основни принципи на кои е изграден европскиот проект", изјави Аврамопулос додавајќи дека сепак поставувањето огради не е решение за бегалската криза.
"Состојбата овде е трагична. Но сите луѓе мора да разберат дека треба да ги слушаат авторитетите и да ги следат легалните начини на остварување на нивните цели", рече еврокомесарот за миграциски прашања Аврамопулос, повикувајќи ги земјите членки на ЕУ да го почитувааат договорот од Брисел за справување со бегалската криза.
"Имаме миграциска политика, акциони планови. Ги повикувам сите членки да започнат со имплементацијата веднаш.Нашиот таргет е да бидеме во позиција да релоцираме шест илјади луѓе неделно и работиме многу напорно за да го постигнеме тоа", изјави Аврамопулос.
Осврнувајќи се на престојниот самит во Брисел на кој ќе се разговара за бегалската криза, еврокомесарот за миграции, Аврамопулос, рече дека се надева дека ќе постигнат напредок на полето на соработката со Турција која е една од главните алки во справувањето со бегалската криза.
"Се надевам дека ќе постигнеме постигнеме напредок на престојниот самит на полето на соработката со Турција, која што е главна алка во регионот. Ние мора да соработуваме во борбата против криумчарите и да креираме легални начини овие луѓе да ги остварат своите цели", рече Аврамопулос упатувајќи порака до сите бегалци во кампот во Идомени да не им веруваат на криумчарите кои ги искористуваат бегалците.
Еврокомесарот за миграциски прашања, Димитрис Аврамопулос истакна дека Грција не е сама во справувањето со бегалската криза, дека таа е дел од Европската унија.
"Грција не е сама во справувањето со кризата. Европа ја поддржува Грција, морално и финансиски", рече тој.
Исто така, Аврамопулос во својата изјава за медиумите им се заблагодари на сите невладини хуманитарни организации, УНХЦР, Црвен Крст, како и на локалното население, бидејќи, како што рече не треба да се заборави нивната помош и напорите кои ги прават со цел да им помогнат на бегалците кои се наоѓаат во многу тешки услови.