Abdula Berisha
10 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Последната панел-дискусија во рамките на тридневниот Тинк-тенк форум којшто се одржува во Скопје, се фокусираше на поврзаноста, економската конвергенција и средината, јавува Агенција Анадолија (AA).
За време на панелот, свое обраќање имаа министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева; министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ; заменик-директорката за надворешни односи во Европскиот совет, Весела Чернева; претставникот на Европската комисија, Томас Хаглитнер; претседателката на Советот за регионална соработка за Југоисточна Европа, Маја Ханџиска-Трендафилова, како и претставници на невладини организации.
Шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, во својот говор рече дека балканските земји се многу преокупирани со минатото, додавајќи дека тоа оневозможи донесување заеднички одлуки.
„Добро е што седиме заедно и разговараме за иднината, но мислам дека главната предност на Берлинскиот процес е делот на добрососедските односи. Преку едукација и преку поврзаност главно помеѓу младите, размислете за иднината, не се фокусирајте толку многу на минатото“, рече Захариева.
Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, рече дека ЕУ и шесте земји од Западен Балкан треба да соработуваат за нивно пристапување во ЕУ.
„Имаме околу 18 милиони луѓе надвор од ЕУ во овие шест земји и не станува збор за проширување, туку за завршување на работата. Смешно е да се зборува за проширувањето, Биг бенг, ние сме дел од Европа“, рече Дармановиќ.
Претставникот на Европската комисија, Томас Хаглитнер, рече дека треба да се најдат прагматични решенија за да се соединат економиите, луѓето и државите.
„Ова е дел од она што се обидовме да го кажеме во ревидираната методологија за проширување што Комисијата ја донесе минатиот месец. Се разбира дека сите ние сме посветени на членството и на европската перспектива на регионот, но во меѓувреме, мора да се обидеме да најдеме прагматични начини како да ги обединиме земјите од регионот“, рече Хаглитнер.
Панелистите исто така го наведоа како пример новиот коронавирус, кој е регистриран во речиси сите земји во регионот, за да потенцираат дека решавањето на проблемите бара поинклузивен пристап.
Тинк-тенк форумот со наслов „Стимулирање на стратешка автономија. Придонесот на Западен Балкан за заедничка европска иднина“ беше организиран од Институтот за демократија „Социетас цивилис“, во соработка со Европскиот совет за надворешна политика.
Со состанок на претставниците од министерствата за надворешни работи на државите кои учествуваат во Берлинскиот процес, кој ќе се одржи по завршувањето на форумот, се одбележува заедничкото претседателство на овој процес меѓу Северна Македонија и Бугарија.