политика

Дебата во Собранието на РСМ: Берлинскиот процес докажа дека кога работиме заедно, резултатите се видливи

Берлинскиот процес е започнат уште од 2014 година, со цел создавање силна рамка за продлабочена соработка меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија и ги подготвува земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ

Elena Trenchevska Chekovic  | 01.12.2025 - Обновена : 01.12.2025
Дебата во Собранието на РСМ: Берлинскиот процес докажа дека кога работиме заедно, резултатите се видливи Фото: Собрание на РСМ

СКОПЈЕ (АА) – Во Собранието на Северна Македонија денес беше отворена тематската сесија „Реформска агенда и Берлинскиот процес низ призмата на европската интеграција: улогата на Парламентот во спроведувањето на регионалните приоритети“, пренесува Анадолу.

Како што соопшти Собранието, претседателот на Комисијата за европски прашања и претседавач со Меѓупартиската група за следење на имплементацијата на Берлинскиот процес и реформската агенда​​​​​​​, Антонијо Милошоски, рече дека оваа сесија е важен чекор во зајакнувањето на парламентарниот надзор врз процесите кои ја обликуваат европската иднина на државата.

„Формирањето на оваа група на 30 април 2025 година создаде силна основа за политички консензус во исполнувањето на реформските приоритети што произлегуваат од Берлинскиот процес и новата реформска агенда“, истакна Милошоски и порача дека денес започнува нов циклус на работа кој треба да донесе резултати, јасни препораки и силна парламентарна поддршка за реформските процеси.

Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, се осврна на Реформската агенда и Берлинскиот процес, и посочи дека во однос на реформските процеси, дел од нив се спроведени, дел останува да се реализираат, и дека во фокус на Министерството остануваат реформите во јавната администрација, енергетиката, дигитализацијата, владеење на правото.

Првиот дел на сесијата даде осврт на резултатите од Берлинскиот процес по Самитот во Лондон 2025, каде беа споделени впечатоците и препораките на пратеничките Дијана Тоска и Сања Лукаревска, кои беа дел од парламентарната делегација во Лондон.

Тоска рече дека овие теми не се само технички процеси, не се административни обврски и сигнали што треба да се испратат кон Брисел, туку дека зад нив стои многу посуштинска идеја „да создадеме функционална, стабилна и европска држава, која обезбедува реални резултати за сите свои граѓани. Берлинскиот процес докажа дека кога работиме заедно, резултатите се видливи. Реформската агенда и Планот за раст е домашна задача што мораме да ја исполниме.“

Лукаревска, од своја страна, истакна дека Берлинскиот процес, Реформската агенда и Планот за раст треба паралелно да се разгледуваат со Извештајот на Европската комисија за напредок на земјата, со цел да се види каде има напредок, а каде треба да се посвети повеќе внимание.

Потоа, според соопштеното од Собранието, следувала дискусија за Реформската агенда и степенот на имплементација на обврските, со учество на претставници од релевантни институции, невладини и граѓански организации.

Берлинскиот процес е започнат уште од 2014 година, со цел создавање силна рамка за продлабочена соработка меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија и ги подготвува земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.