Муцунски и Муртезани на средба со високата претставничка на ЕУ, Калас, во Брисел
Муцунски и Муртезани на средбата ја потврдија посветеноста на реформите, европската агенда и унапредувањето на соработката со ЕУ во доменот на безбедноста и одбраната
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани денес во Брисел остварија средба со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија, Каја Калас, пренесува Анадолу.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, средбата е одржана во рамките на нивната работна посета на Брисел, во контекст на континуираната посветеност на државата на европскиот интегративен процес и заедничките напори за продлабочување на партнерството со Унијата во областа на безбедноста и одбраната.
Муцунски и Муртезани на средбата ја потврдиле посветеноста на реформите, европската агенда и унапредувањето на соработката со ЕУ во доменот на безбедноста и одбраната.
„Тие ја реафирмираа и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, поддршката за Украина, како и значењето на регионалната поврзаност и стратегиските инфраструктурни проекти, меѓу кои и Коридор 8“, се додава од Министерството.
Двајцата министри упатиле порака за важноста од предвидлива, фер и опиплива европска перспектива за целиот регион, нагласувајќи дека забрзаната и фер динамика на процесот ќе придонесе за зајакнување на кредибилитетот на проширувањето, демократската отпорност и безбедноста на регионот и Европа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
