Rabia İclal Turan
26 Ноември 2025•Ажурирај: 27 Ноември 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека останува отворен за разговори со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро и покрај тоа што Вашингтон неодамна го означи како лидер на странска терористичка организација, јавува Анадолу.
„Ќе видиме, но разговараме“, изјави Трамп за новинарите во авионот „Ер Форс Уан“ за време на летот од Вашингтон до Флорида за празникот Ден на благодарноста, кога го прашаа дали планира да разговара со Мадуро.
На прашањето зошто е подготвен да зборува со него и покрај тоа што е означен како лидер на терористичка организација, Трамп одговори:
„Ако можеме да спасиме животи, ако можеме да го направиме тоа на лесен начин – добро. Ако мора на потежок начин – и тоа е в ред.“
Запрашан околу целите на можните разговори, тој кратко рече дека „одговорот е очигледен“.
„Треба веќе да знаете која е целта“, додаде Трамп.
Тој вели дека венецуелските власти предизвикале многу проблеми и дека милиони луѓе испратиле во САД.
Според него, Венецуела била „најголем злоупотребувач“ меѓу државите што, како што тврди администрацијата, праќале криминалци во САД.
„Ги испратија трговците со дрога, нарколидерите и луѓето од затворите. Ги отворија затворите и ги исфрлија во САД. Ние не сме задоволни од тоа“, рече Трамп.
Во понеделникот САД официјално го означија венецуелскиот Картел де лос Солес како странска терористичка организација (ФТО).
Тензиите меѓу САД и Венецуела се зголемија откако во август Трамп нареди воено распоредување на Кариби, со цел да ги таргетира наркокартелите и да ги пресече маршрутите за трговија со дрога, за кои администрацијата тврди дека се поврзани со Мадуро.
Каракас и понатаму истакнува дека вистинска цел е промена на режимот.
Од почетокот на септември американската војска изврши 21 напад врз пловни објекти за кои тврди дека превезувале дрога, при што се убиени 83 лица.
Трамп вели дека би можел да нареди и напади врз цели за кои се смета дека се вклучени во трговија со дрога на територијата на Венецуела.