СКОПЈЕ (АА) - Берлинскиот процес го помага забрзувањето на процесот на зачленување во Европската Унија, а не е негова замена, порачаа министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Никола Димитров и Екатерина Захариева, по денешниот министерски состанок во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со состанок на претставниците од министерствата за надворешни работи на државите кои учествуваат во Берлинскиот процес, беше означено заедничкото претседателство со Берлинскиот процес на Република Северна Македонија и Република Бугарија за 2020 година.
По одржаниот состанок следуваше заедничка прес-конференција на министрите Димитров и Захариева.
Димитров се заблагодари на бугарската министерка Захариева за заедничкото копретседавање со Берлискиот процес, истакнувајќи дека заедничкото претседавање со овој процес испраќа важни сигнали, меѓу кои и довербата од ЕУ со Берлинскиот процес да копретседаваат две земји од Балканот.
„Тајмингот на денешниот состанок е исто така, исклучително важен, 10 март, некаде две седмици пред важните совети, па и Европскиот совет, во контекст на она што се очекува, финализирање на тоа што Комисијата го почна со новата методологија и со ажурираните извештаи. Затоа, природно, главната пленарна сесија ни беше посветена токму на ова, европската иднина на регионот“, рече Димитров.
Тој информира дека учесниците на министерскиот состанок имаат заедничка изјава во која испраќаат порака за реафирмирање на заложбата на европските вредности.
„Имаме една заедничка изјава во присуство на сите учесници, но пред сѐ од шесте држави на Западен Балкан, во која повеќе ние, од овој регион, даваме порака кон остатокот од Европа за она што ни е важно, каква ни е визијата и на некој начин ја реафирмираме нашата заложба дека ќе бидеме посветени во однос на главните, суштинските вредности од европските реформи - демократијата, владеењето на правото, слободата на медиумите, добрососедските односи“, истакна Димитров.
- Захариева со порака до Балканот: „Да ставиме акцент врз заедничата иднина“
Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, упати благодарност до Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, за, како што рече, добрата средба, истакнувајќи дека поради коронавирусот имало откажувања на учесници на средбата во последен момент.
Захариева потенцира дека од постоењето на Берлинскиот процес за првпат копретседавааат една членка на ЕУ, Бугарија и една земја кандидат за членство во ЕУ, Северна Македонија.
„Денеска, додека дискутиравме за европската перспектива на Западен Балкан, го посочив како пример нашето копретседавање. И покрај тоа што треба многу да работиме во однос на поврзаноста, правата на луѓето, слободата на медиумите, добрососедските односи, тоа навистина е симболично копретседателство. Само пред три години не можевме да замислиме дека тоа ќе се случи денес. Затоа мислам дека треба да научиме да гледаме повеќе во иднината. Се разбира дека историјата е важна, минатото е важно, но важно е да учиме од грешките од минатото, малку повеќе да бидеме заедно и да ставиме акцент врз заедничата иднина. Тоа е мојата порака за колегите од Балканот“, истакна Захариева.

Според неа, многу е важно акцентот да се стави на проекти што се важни за иднината, во тој контекст истакнувајќи дека повеќе од една милијарда евра се дадени од Европската комисија и државите на ЕУ за проекти од Берлинскиот процес.
„Ние сакаме за време на нашето претседателство да бидеме појасни и да објасниме што точно постигна и достигна Берлинскиот процес за нашиот регион. Ќе завршам со тоа дека Берлинскиот процес го помага зачленувањето и дека тој не е замена. Бугарија секогаш го потенцира тоа. Тој ќе помогне во забрзувањето на процесот, нема да го замени. Мојата порака беше, како што земјите од Западен Балкан ги завршуваат реформите, така и ние да ги завршуваме, да донесеме одлука за почнување преговори со Албанија и Северна Македонија“, потенцира Захариева.
На прашањата од новинарите во врска со мигрантската криза, дали разговарале за евентуална помош од ЕУ за регионот, доколку дојде до поголем прилив на мигранти, Димитров и Захариева потсетија дека Балканот е споменат во изјавата од Советот за внатрешни работи на ЕУ.
Димитров потенцира дека е јасно оти земјите од регионот мораат да имаат една и иста политика во однос на справувањето со мигрантската криза, порачувајќи дека „едно е одржување на границата, а друго е подолгорочното решавање на коренот на проблемот, а тоа се причините“.
За време на состанокот беше најавена приоритетната агенда на заедничкото претседателство која цели кон зајакната интеграција и конвергенција меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан на политички, правен и социоекономски план.
Во рамки на заедничкото претседателство, од 8 до 10 март во Скопје се одржа и Тинк-тенк форум организиран од страна на Институтот за демократија „Социетас цивилис – Скопје“, во соработка со Европскиот совет за надворешна политика (ECFR) од Софија.
Следниот состанок е на премиерско ниво и ќе се одржи во втората половина од годината во Софија.