Mustafa Talha Öztürk
14 Септември 2021•Ажурирај: 14 Септември 2021
БЕЛГРАД (АА) - Србија и другите земји во регионот на Западен Балкан преземаат цврсти чекори кон членство во Европската Унија, но патот е долг, рече германската канцеларка Ангела Меркел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меркел, на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ во главниот град Белград, во првиот дел од мини балканската турнеја, рече дека Берлинскиот процес ги зајакнал врските меѓу земјите од Западен Балкан и го помогнал нивниот процес на членство во ЕУ, но истакна дека треба да се направат промени.
„Постигната е цела низа резултати, но претстои долг пат пред Србија и целиот регион додека сите не станат членки на ЕУ, што е наша заедничка цел“, рече Меркел.
„Задоволство е што Србија е заинтересирана за судски реформи. Берлинскиот процес ја зголемува посветеноста во регионот и го потпомага патот кон членството во ЕУ“, истакна германската канцеларка.
Берлинскиот процес, дипломатска иницијатива поврзана со идното проширување на Европската Унија, започна со Берлинската конференција во 2014 година, по што следуваше Самитот во Виена 2015 година, Самитот во Париз 2016 година, Самитот во Трст 2017 година, Самитот во Лондон 2018 година и во 2019 година Самитот во Познањ.
Меркел, која треба да се пензионира есенва, рече дека идните канцелари исто така ќе работат и за процесот на членство во ЕУ на Западен Балкан, како една од целите на Германија да ги види шесте држави од Западен Балкан во Блокот.
„Не сите земји на ЕУ ја признаа независноста на Косово. Сите прашања во процесот за членство во ЕУ треба да бидат одговорени, и ова прашање треба да се реши. Лично, јас сум за утилитарен став. Прашањата нема да завршат, а прашањата мора да бидат решени“, рече Меркел за темата Србија - Косово.
„Не можам да зборувам за Србија, но знам што е важно за ЕУ. Во Германија, беше потребно долго време за да се реши прашањето со границата и другите проблеми. Треба да имаме разбирање за проблемите што треба да се надминат.“
Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека Меркел претставувала политички авторитет за време на нејзиниот мандат и дека Германија е најголемиот надворешно-трговски партнер на Србија.
„Србија е секогаш отворена за постигнување решение. Србија е земја која иднината ја гледа преку мирот“, рече тој.
Меркел денес ќе престојува во Тирана, каде што ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рама, а потоа ќе има ручек со премиерите на сите шест држави од Западен Балкан - Северна Македонија, Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.