Abdula Berisha
18 Ноември 2019•Ажурирај: 18 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во Собранието на Република Северна Македонија започна Министерскиот форум за правда и внатрешни работи „Европска Унија (ЕУ) - Западен Балкан“, којшто се одржува во рамки на финското претседателство со Советот на ЕУ, јавува Агенција Анадолија (AA).
Министерката за правда на Северна Македонија, Рената Дескоска, изрази задоволство што земјата е домаќин на дводневниот Форум, објаснувајќи дека на првиот ден од Форумот се разговара за прашања поврзани со правдата, додека утре на дневен ред се темите од секторот за внатрешни работи.
Во рамките на Министерскиот форум, во Северна Македонија престојуваат Вира Јурова, европски комесар за правда, потрошувачи и родова еднаквост, и Димитрис Аврамопулос, европски комесар за миграција, внатрешни работи и државјанство, како и министрите за правда од земјите од Западен Балкан.
Министерката Дескоска рече дека е задоволна што земјата е домаќин на Министерскиот форум „особено по недонесувањето одлука за почеток на преговори“, одлука што произлезе од минатомесечниот состанок на Советот на ЕУ.
„Темите за коишто денеска ќе разговараме се теми коишто се однесуваат на реформите во правосудството во земјите во Западен Балкан, владеењето на правото, условите во затворите и она што значи реформа во изборниот систем во однос на обезбедување фер и демократски избори“, рече Дескоска.
Зборувајќи за очекувањата од средбата, Дескоска рече дека очекува да биде потврдена посветеноста на земјата за евроинтеграциите, како и оваа заложба да биде потврдена од претставниците на ЕУ и да се отвори можноста за започнување преговори со Северна Македонија.
„Очекувам дека ќе го добиеме уште еднаш признанието за реформите коишто се направени во сферата на правдата, коешто беше дадено како признание на последниот состанок. На сите ни е јасно дека неотварањето преговори е поради внатрешните дебати коишто ги има ЕУ, но секако е многу битно еврокомесарите, финската министерка под чие што претседателство се одвива овој состанок, како и другите претставници на ЕУ, да го разберат значењето на отворањето на преговорите за нашата држава“, рече Дескоска.
Подоцна во текот на денот предвидено е да се одржи и прес-конференција од првиот ден на Министерскиот форум.