Ivana Ramadanova
27 Јуни 2018•Ажурирај: 28 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Еден од клучните сегменти на владеењето на правото е независноста на судството. Прифаќањето и почитувањето на овој фундаментален принцип несомнено придонесува за зголемување на довербата во правниот систем, истакна министерката за правда, Рената Дескоска, на 98. Семинар РОС-РОТ, кој се одржува во Собранието на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Токму затоа, како што истакна таа, најновата стратегија на Европската комисија за проширување со земјите од Западен Балкан до 2025 година, посебен акцент става на реформските активности на полето на владеењето на правото.
„Свесни сме дека од имплементацијата на активностите во оваа сфера, многу ќе зависат и реформите во другите области што треба да ги исполниме. Во тој контекст, обезбедување целосна независност во судството, јакнење на институциите на системот и борбата против корупцијата, претставуваат нашите три врвни приоритети“, истакна Дескоска.
Таа потенцираше дека изминативе години во Република Македонија системот на владеење на правото и независност во судството беа целосно деградирани, што беше констатирано и во многубројните извештаи на меѓународните организации.
„Водејки се од овие лоцирани слабости, Владата на Република Македонија донесе стратегија за реформа во правосудниот сектор со акциски план за периодот 2017/2022 година и отпочна реформи во судскиот систем кои треба да придонесат за враќање на довербата во институциите, обезбедување правна сигурност, заштита на човековите слободи и права и создавање атмосфера на слободно судство, без какви било политички притисоци“, рече Дескоска.
Според неа, примарна цел е возобновување на начелото на владеење на правото со јакнење на самостојноста, независноста и непристрасноста на судството и јавното обвинителство, реформирање на судскиот совет и советот на јавни обвинители, зголемување на ефикасноста на судството, односно европеизација на судството и јавното обвинителство преку воведување на европски институционални и процесно правни менаџерски и други стандарди во функционирањето на судството.
Од денеска до петок во македонското Собрание ќе се одржи 98. Семинар РОС-РОТ. Семинарот е во организација на Парламентарното собрание на НАТО во соработка со Собранието на Република Македонија на тема „Евроатланска интеграција на Западен Балкан: зајакнување на Европскиот мировен проект“.