Admir Fazlagic
26 Јуни 2018•Ажурирај: 27 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија, на денешната седница донесе одлука преговорите за членство на Република Македонија да започнат во јуни 2019 година, објави премиерот Заев на својот официјален профил на социјалните мрежи, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Уште еден голем ден за Република Македонија. Уште едно големо признание за нашата земја. Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија, на денешната седница донесе одлука преговорите за членство на Република Македонија да започнат во јуни 2019 година", напиша Заев.
Тој истакна дека Европската Унија и лидерите на сите земји членки ја препознаа Република Македонија како земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи, на инклузивност и на општествен дијалог.
„Држава која со силна, добронамерна политичка волја ги решава споровите со соседите и земја на граѓани кои покажаа дека имаат јасно изразена визија за европска иднина", посочи Заев.
Тој додаде дека патот на реформи и градењето на Македонија како држава по европски правила, е неповратен процес.
„Остануваме на реформскиот курс. Пред нас имаме конкретна цел. Сега граѓаните на Република Македонија можат да кажат силно и слободно – Да, за Европска Македонија! Силно „Да“ за македонската иднина, за нашата заедничка иднина", порача Заев.
Исто така, Европскиот комесар за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, попладнево на социјалната мрежа Твитер изрази задовоство што Албанија и Македонија сепак ќе започнат пристапни преговори за членство во Унијата во јуни 2019 година.
„Мило ми е што Европскиот совет го осветли патот кон прошитувањето, особено за Албанија и идната Северна Македонија, после долга дебата. Патот кон отворањето на пристапните преговори во јуни 2019 е јасен. Клучен сигнал за регионот дека прогресот е награден, и круцијален за кредибилитетот на ЕУ", напиша Хан.