Admir Fazlagic
26 Јуни 2018•Ажурирај: 27 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, имаше тет-а-тет средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц, по што следуваше работен ручек на владините делегации и заедничка прес-конференција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти прес-службата на Владата на Република Македонија, на прес-конференцијата, канцеларот Курц го соопштил и јавно ставот за силната поддршка што Република Австрија ѝ ја дава на Република Македонија за отворање претпристапни преговори со ЕУ. Канцеларот Курц рекол дека Македонија заслужува од ЕУ отворање претпристапни преговори.
„Тој најави дека Австрија ќе направи сè што може, Советот на ЕУ да донесе позитивна одлука за Македонија. Канцеларот Курц, исто така, ги повика граѓаните на Република Македонија на претстојниот референдум да го поддржат Договорот со Грција, што би значело интеграции на Македонија“, информираа од Владата.
Од друга страна, премиерот Заев се заблагодари за отворената поддршка од канцеларот Курц и во име на граѓаните на Република Македонија му ја честиташе стогодишнината од основањето на Република Австрија.
„Важно е охрабрувањето што го слушнавме денес од Вас како прв човек на Владата на Австрија, на два дена пред Советот на министри на ЕУ, дека Вашата држава поддржува отпочнување преговори на Македонија со ЕУ“, рече Заев.
Тој изрази верување дека земјите членки на ЕУ ќе ја усвојат препораката на Европската комисија за започнување на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ. Австрија го презема претседавањето со Советот на ЕУ од 1 јули оваа година.
Премиерот Заев истакна дека очекува и Македонија да биде следната 30. земја членка на НАТО, за што го охрабрил генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.
„Македонија е добра вест за Балканот и јас испраќам оттука и уште една важна порака. На Македонија и на регионот им се потребни евроатлантските интеграции, поради политичката стабилност и безбедност, но и поради економскиот развој што се отвора за нашата држава и за Западен Балкан. Воедно, евроатлантските перспективи им се потребни и на Европа и на демократскиот свет, бидејќи тие значат стоп за домашните и странските дестабилизирачки влијанија што евидентно постојат“, истакна премиерот Заев за време на денешната заедничка конференција за медиумите со австрискиот канцелар Себастијан Курц.