Dejan Maksimoviç
18 Ноември 2019•Ажурирај: 19 Ноември 2019
ВУКОВАР (АА) - Денот на сеќавањето на жртвите од Вуковар, по повод 28-годишнината од падот на тој хрватски град, се одбележува секоја година со низа манифестации, а најзначајна е Колоната на сеќавање. Оваа година Колоната на сеќавање, во која се илјадници луѓе, ја предводат членовите на семејствата на убиените и исчезнатите, хрватските бранители, Колинда Грабар-Китаровиќ, претседателката на Хрватска, премиерот Андреј Пленковиќ и претседателот на Парламентот, Гордан Јандроковиќ, јавува Агенција Анадолија (AA).
Програмата за одбележување на Денот на сеќавањето започна со собирање на претставниците на бранителските здруженија и државниот врв во дворот на Вуковарската болница, каде што е организирана пригодна програма под називот, кој воедно е и слоган на овогодишниот настан, Вуковар - место на специјална почит.
Достоинствената поворка започна од дворот на Болницата во Вуковар, патот по кој бегале бегалците во 1991 година. Патот од 5,5 километри учесниците на Колоната би требало да го поминат за околу два и пол часа. Колоната на сеќавање ќе заврши на Меморијалните гробишта за жртвите од домашната војна, каде што ќе се одржи молитва за жртвите од Татковинската војна во Вуковар, предводена од монсињор Ратко Периќ.
Учесниците во Колоната на сеќавање, меѓу кои и државниот врв, на гробиштата ќе положат венци и цвеќе, а потоа монсињор Периќ ќе ја предводи свечената евхаристија.
Денот на сеќавање на жртвите од Вуковар се одбележува секоја година во знак на сеќавање за падот на градот на 18 ноември 1991 година под контрола на окупациските сили на српските паравоени формации и тогашната Југословенска народна армија (ЈНА). Опсадата и битката за Вуковар траеја три месеци, од 24 август до 18 ноември 1991 година. Градот кој до падот во рацете на ЈНА е претворен во урнатина, го бранеа речиси 1.800 припадници на хрватските сили. Линијата на одбрана беше долга десет километри.
Во битките загинаа меѓу 2.900 и 3.600 лица. Според податоците на Вуковарската болница, настрадаа 1.624 цивили и припадници на Хрватската војска, а ранети се 1.219 лица. Повеќе од 22.000 предвоени жители останаа без своите домови и се протерани.
Вуковар, седум години по падот, е мирно реинтегриран. Во градот, во кој пред војната живееја повеќе од 44.000 жители, сега има нешто повеќе од 27.000.
Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг го осуди Милет Мркшиќ, еден од командантите на единиците на ЈНА, на 20 години затвор поради убиство и измачување, а Веселин Шљиванчанин на десет години затвор поради измачување, но е ослободен од обвиненијата за геноцид и истребување на несрпското население, додека Мирослав Радиќ го ослободи од обвиненијата.
Обвинет и уапсен беше и Славко Докмановиќ, градоначалникот на Вуковар за време на војната, но пред изрекувањето на пресудата во 1998 година стори самоубиство. Злосторствата во Вуковар беа дел од обвинението и против некогашниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, кој не дочека пресуда, бидејќи почина во притвор во Хашкиот трибунал во 2006 година.
Воислав Шешељ, водачот на „Бели орли“, е ослободен пред МКСЈ од обвиненијата за злосторства против човештвото и кршење на законот и обичаите на војување, вклучително и за конфликтите во Вуковар.
Со неодамнешната одлука на хрватската Влада, од следната година, 18 ноември ќе се одбележува како Ден на сеќавање на жртвите од Татковинската војна и Ден на сеќавање на жртвите од Вуковар и Шкабрња и ќе биде неработен.