Dejan Maksimoviç
18 Ноември 2018•Ажурирај: 19 Ноември 2018
ВУКОВАР (АА) - Денот на сеќавањето на жртвите во Вуковар, по повод 27-годишнината од падот на овој хрватски град, секоја година се одбележува со низа манифестации, но најзначајната е Колоната на сеќавањето. Оваа година Колоната на сеќавањето, во која има десетици илјади луѓе, ја предводат претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Програмата на одбележувањето на Денот на сеќавањето започна со собирот на претставници на здруженијата на бранители и државниот врв во дворот на вуковарската болница, каде што е организирана пригодна програма под називот, кој исто така е и слоганот на овогодишниот настан „Вуковар - место со посебен пиетет“.
Поворката започна од вуковарската болница, патот по кој бегаа бегалците во 1991 година. Патот од 5,5 километри, учесниците на колоната треба да го изминат за околу три часа. Колоната на сеќавањето ќе заврши на Меморијалните гробишта на жртвите од Татковинската војна каде што ќе се одржи молитва за жртвите од Вуковар.

Учесниците во Колоната, меѓу кои и државниот врв, на гробиштата ќе положат венци и цвеќиња.
Денот на сеќавање на жртвите од Вуковар се одбележува секоја година, во знак на сеќавање на падот на градот на 18 ноември 1991 година, под контрола на окупаторските сили на српските паравоени формации и тогашната Југословенска народна армија (ЈНА).

Опсадата и битката за Вуковар траеше три месеци, од 24 август до 18 ноември 1991 година. Градот, кој до падот во рацете на ЈНА е претворен во урнатини, го бранеа близу 1.800 припадници на хрватските сили. Линијата на одбраната беше долга 10 километри.
Во битките животот го загубија помеѓу 2.900 и 3.600 луѓе. Според податоците на болницата во Вуковар, загинале 1.624 цивили и припадници на хрватската Војска, а ранети се 1.219 лица. Над 22.000 предвоени жители останаа без своите домови и беа протерани.
Вуковар седум години по падот е мирно реинтегриран. Во градот во кој пред војната живееја над 44.000 жители, сега живеат нешто повеќе од 27.000.
Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг, го осуди Миле Мркшиќ, еден од командантите на единиците на ЈНА, на 20 години затвор за убиство и измачување, додека Веселин Шљиванчанин на 10 години затвор за измачување, но е ослободен од обвинението за геноцид и истребување на несрпското население, додека Мирослав Радиќ го ослободи од обвиненијата.
Обвинет е и уапсен Славко Докмановиќ, градоначалникот на Вуковар за време на војната, но пред изрекувањето на пресудата во 1998 година изврши самоубиство. Злосторствата во Вуковар беа дел од обвинението против поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, кој не ја дочека пресудата, бидејќи почина во притвор во Хашкиот трибунал во 2006 година.
Воислав Шешељ, водачот на „Белите орли“, ослободен е пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија за обвиненијата за злосторства против човештвото и за кршење на законите и обичаите на војување, меѓу другото, и за судирите во Вуковар.